Предавање на современиот визуелен уметник Адриан Паци во Даут пашин амам

Во Даут пашин амам вечер (понеделник, 9 септември) од 19:30 часот ќе има предавање на Адриан Паци, еден од најзначајните современи визуелни уметници на интернационалната уметничка сцена.

Ова предавање е дел од групната изложба „Неименуваното е одговор“, курирана од Ивана Васева, која е поставена сè до 20 септемвриа. Паци е дел од изложбата со видео делото „Пиктори“.

Според најавите, Паци ќе направи презентација на неговата работа во историски и уметнички контекст и после тоа ќе има прашања и одговори со публиката.

„Рефлексијата на улогата на уметникот во општеството, односот на рачно изработената работа и уметничката активност, прашањето на функционалната страна на уметноста, проблемот на уметничкото дефинирање на бесконечните синџири на активности кои ги врши денес уметникот, како и основниот проблем на дефинирање на уметникот, се некои од моментите што го придружуваат ‘Пиктори’“, стои во најавата за предавањето.

Инаку, „Неименуваното е одговор“ е изложба за постојаниот отпор кон светот во кој живееме и е изградена од отпорни политички субјективности.

Во изложбата се вклучени дела од Музејот на американска уметност – Берлин во соработка со Валтер Бенјамин, Ели Га, Адријан Паци, Доплгенгер, Оливер Мусовиќ, Филип Јовановски, во контекст на постојаната национална поставка поставена уште од 2000-година како и документи од студентскиот протест во Скопје во 1959 година.