Предавање на Скопското астрономско друштво за првата фотографија од црна дупка

Предавање за првата фотографија од црна дупка на Скопското астрономско друштво ќе се одржи во понеделник (15 април), од 20 часот, на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

„Во јадрото на скоро сите галаксии има супермасивни црни дупки кои се „хранат“ од усвитениот диск од материја кој ротира околу нив, всисувајки сè што доаѓа преблиску, дури и светлината. Пред четири децении беше обмислено како може да се искористат ваквите екстремни средини за директно да се фотографираат овие, инаку, невидливи објекти. Денес конечно ја имаме таа фотографија, несомнено една од најважните во историјата на човештвото. На предавањето ќе ги образложиме деталите за ова извонредно достигнување“, најавуваат организаторите.

Влезот на предавањето чини 100 денари, додека за членовите на Скопско астрономско друштво и за студентите од ФЕИТ, Машински факултет и ФИНКИ влезот ќе чини 50 денари со покажување членска карта или индекс.

Билетите се купуваат пред почетокот на предавањето на влезот на амфитеатарот и не е потребна претходна најава.