Предавање на Горан Стефановски за стереотипите меѓу Балканот и Европа

Во ЕУ инфо центарот вo четврток, 14 април, со почеток во 19.30 часот Горан Стефановски ќе одржи предавање „Тинтин на Балканот (нивните клишеа за нас и нашите клишеа за нив)”.

Во своето предавање авторот ќе зборува за културните и социополитичките стереотипи во односот меѓу Балканот и Европа.

Предавањето ќе се осврне на клишеата и стереотипите формирани од страна на медиумите на примерот на стрипот Тинтин.

„Авантурите на Тинтин” е стрип-серијал креиран од белгискиот стрип-цртач Жорж Реми Ерже. Тој е еден од пионерите на европскиот стрип, кој стана познат токму како идеен творец на Тинтин – млад репортер што патува по целиот свет доживувајќи разни авантури.

Стрипот е еден од најпопуларните европски стрипови на 20 век, преведен на повеќе од 70 јазици и продаден во повеќе од 200 милиони примероци. Во едно од изданијата на серијалот, Тинтин и неговото куче Снешко ја посетуваат фиктивната балканска земја Силдавија.