Предавање „Космологија: мит и наука“ на Скопското астрономско друштво

„Космологија: мит и наука“ е насловот на следното предавање на Скопското астрономско друштво, кое ќе се одржи во четврток од 20 часот на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ.

Настанот е предвиден да биде еден вид на мини семинар од две кратки предавања на тема космологија, преку кои сакаме да ја прикажеме шареноликоста на човечката мисла во обидот да ја објасни природата, односно Универзумот.

Првото предавање ќе го одржи др. Марија Тодоровска, професорка на катедрата за филозофија на религија при Филозофскиот факултет во Скопје, која ќе зборува за митското мислење и моќта на митовите; космогониски митови (схеми на настанување) и митови за крајот на светот; магиското „прото-научно“ мислење; потрагата по потеклото во претсократовската филозофија; уреденоста на светот кај Платон и космолошките идеи на Аристотел; можните светови и „финото штимање“ на Универзумот.

Второто предавање ќе го одржи Филип Парталовски, член на Скопското астрономско друштво, кој ќе зборува за научната космологија, односно откритијата и водечките теории кои ја формираат модерната слика за Универзумот; природните закони кои ги опишуваат неговото настанување, еволуција, микро и макро структура, како и предизвиците со кои се соочени астофизичарите и космолозите денес.

Влезница за предавањата чини 100 денари, освен за членовите на Скопско Астрономско Друштво и за студентите од ФЕИТ, Машински факултет и ФИНКИ за кои е 50 денари.

Повеќе за тековниот циклус предавања може да прочитате ОВДЕ.