[Предавање] Етничките идентитети и јавниот простор во поделениот град

На 14 јануари во 19:00 часот во ГЕМ Клубот, Скопска чаршија, ќе се одржи предавањето на Ана Ацеска, насловено „Етничките идентитети и јавниот простор во поделениот град: Мостар, Босна и Херцеговина“.

Врз основа на серија на квалитативни истражувања во градот Мостар во Херцеговина, ова предавање ќе зборува за врската меѓу етничките идентитети и јавниот простор во етнички поделениот град. Во фокус ќе бидат прашањата за тоа како поедниците и групите во поделениот град ги конструираат своите етнички и други идентитети во урбаниот контекст, но и за тоа како политиките на локално и меѓународно ниво ги разбираат истите.

„Резултатите од истражувањата укажуваат на потребата да се ревидираат некои од доминантните научни концепти и политики поврзани со етнични поделениот град. И што е уште поважно, резултатите укажуваат дека е време повторно да се отвори едно од основните, но подзаборавени прашања на урбаната социологија: што е тоа што навистина ги поврзува луѓето со градот?“, стои во најавата за настанот во организација на Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК).

Ана Ацеска е истражувач и предавач на пост-докторско ниво на Универзитетот Хумболт во Берлин. Нејзините истражувања се однесуваат на прашањата на идентитетот и просторот во поствоена Босна и Херцеговина. Има студирано и работено во Будимпешта, Берн, Мостар и Берлин и има објавувано научни трудови во областа на урбаната социологија. Во моментов ја подготвува својата првата книга која се базира на нејзината докторска дисертација одбранета во 2013 година на Универзитетот Хумболт во Берлин.