Предавање „Астрофизички црни дупки и Хокингово зрачење“ со Кимет Јусуфи

Скопското астрономско друштво продолжува со својот циклус предавања. Утре во амфитеатарот при Факултетот за електротехника и информациски технологии, со почеток од 20 часот ќе се одржи предавањето на тема: „Астрофизички црни дупки и Хокингово зрачење“.

Предавач е Кимет Јусуфи, докторанд по теориска физика на Иститутот за физика при Природно-математички факултет, кој зад себе веќе има десетици научни трудови кои обработуваат теми поврзани со теориите на релативитет, црните дупки, астро-честичките и космологијата.

За предавањето:

Црните дупки се предвидени од теоријата на релативност, а основна карактеристика на таквите објекти е присуството на хоризонтот на настани. Долго време се сметаше дека црните дупки се само еден математички куриозитет и ништо друго, меѓутоа со тек на време се добиени поголем број на астрономски набљудувачки резултати, па така се повеќе и повеќе станува јасно дека таквите објекти се присутни во природата. Во контекст на класичната теорија на релативност, како основна карактеристика на хоризонтот на настани е дека од внатрешноста на црните дупки ништо не може да избегне, па дури ни светлината. Во 1975 година, Стивен Хокинг покажа дека црните дупки треба да зрачат честички и Хокинг пресмета дека температурата на црните дупки е обратно пропорционална со масата на црната дупка. Наскоро, беше покажано дека Хокинговата температура зависи од три параметри: масата на црната дупка, електричниот полнеж, како и аголниот момент на црната дупка.

Влезот е 100 денари.

*За членовите на Скопско Астрономско Друштво и за студентите од ФЕИТ, Машински факултет и ФИНКИ – Скопје влезот ќе чини 50 денари (притоа посетителот треба да покаже членска карта или индекс).

Билетите се купуваат пред почетокот на предавањето на влезот на амфитеатарот и не е потребна претходна најава, но пожелно е да се купат 10-тина минути пред предавањето.