„Празник на музиката“ во недела во Тетово

Во организација на Француската алијанса и Центарот за балканска соработка „Лоја“ утре (21 јуни) во Тетово по шести пат ќе се одржи манифестацијата „Празник на музиката“, посветена на Светскиот ден на музиката, 21 јуни.

Мотото на годинашното издание е „Да ја прославиме музиката заедно – музиката ги спојува луѓето“.

„Оваа манифестација започнала во Франција пред 36 години, со цел со музика на отворено да им се овозможи на сите што умеат да свират некој музички инструмент или сакаат да пеат, тоа да го направат пред луѓето во кое било населено место. Годинава ќе се одржи на улицата „Јане Сандански“ зад Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово и сакаме и помлади, повозрасни и деца да бидат дел од овој настан, изјави на прес-конференцијата по повод настано Julie Chamberlain, директорка на Француската алијанса.

Гзим Османи од „Лоја“ вели дека програмата ќе почне во недела, 21 јуни, во 18:00 часот, со настап на учениците од музичкото училиште „Тодор Скалоски – Тетоец“, а од 21:00 до 23:00 часот ќе настапат: хорот на КУД „Иљо Антески Смок“, хип хоп групата Exosound, блуз-составот Blues De Luxe, рок-бендот Kepurdhat (Печурки), а ќе заврши со сет на диџеј Балта од тетовското Радио Ред.

Покрај Француската алијанса и ЦБС „Лоја“, во организацијата на „Празник на музиката“ учествуваат и Американското катче, Музичкото училиште „Тодор Скалоски Тетоец“, Младински образовен форум, ЦЕД и Радио Ред.