„Правото на дом е основно човеково право“ – српска солидарна акција против присилни иселувања

Спречување и одбрана на луѓето на кои им се заканува присилно иселување во Србија е главната мисија на колективот „Кров над глава“ кој делува во Белград, Нови Сад и Суботица. Преку директна акција, со главната мисла дека „никој не смее да биде без кров над глава“, повеќе од 200 пати, активистите се солидаризирале со граѓаните. Во групи се собираат на терен – во зградите и пред домовите за да се противат и спречат иселување на станарите, кога ќе дојдат полицајци и извршители.

Колективот објаснува дека им е многу драго кога ќе видат дека дел од сограѓаните се приклучуваат на акција, а потенцираат дека секој што ќе дојде да спречи иселување е од големо значење. Секој може да стане член.

„Многу им е важно кога ќе сфатат дека не се сами и дека многу други луѓе се соочуваат со истиот проблем. Системот постојано се обидува на загрозените и ранливите луѓе да им испере мозок и откако ќе ги ограби низ разни облици на приватизација и го загрози нивниот кров над глава, уште да ги убеди дека и самите се виновни за нивната несреќа. Моментот кога луѓето и семејствата успеваат да се пробијат низ оваа пропаганда и успеваат да сфатат дека вината не е само нивна, туку и на системот како таков, е многу важен“, изјавуваат од „Кров над глава“ за Радио МОФ.

Со ваквите солидарни акции, велат од „Кров над глава“, им „купуваат време“ на луѓето, како тие би можеле да ги докажат своите права на суд, ги тераат извршителите да одберат друго средство за наплата на долг, или иницираат преговори на властите.

Фотографија од поддржувач на колективот, кој вели :„Мојата баба направи лепче за Божиќ, па покрај парички и останати работи, внатре стави и клуч. Кога го извлеков, рече дека тоа значи ‘без дом никој’“

„Многу од луѓето на кои извршителите или властите пробуваат да ги иселат, водат судски процеси во кои треба да го докажат правото на тој простор, на својот дом. Но, една од најлошите и највалканите особини на извршната постапка во Србија е тоа што жалбата, или судскиот процес кој паралелно се води, не го одложува извршувањето“, велат од колективот.

Како што тврдат, извршителите и властите би сакале луѓето да бидат исфрлени на улица по итна постапка, а потоа со години, од улица, на судот да му докажуваат како тоа не требало да се случи.

Активистите од колективот неколку пати биле апсени и приведувани, а велат дека во неколку наврати, извршителите пробале да им напишат парични казни, за кои смеетаат дека не се легални.

„Власта, за жал, најчесто не е сојузник на луѓето кои пробуваат да се заштитат од суровоста на извршителите и инвеститорите“, објаснуваат од колективот.

Нивното главно барање е, во Законот за извршување, Законот за домување и Уставот да се внесе правото на дом, со кое би се прецизирало дека: „недвижноста која за некого претставува единствен покрив над главата, не треба да биде предмет на извршување или било какво привремено одземање“.

„Правото на дом мора да се препознае како основно човеково право, како нешто што е поважно од било какви фрази за ‘правна држава’, ‘долгови што мора да бидат платени’ и слично“, потенцираат од колективот.

Покрај тоа, бараат да се направат и бројни измени и дополнувања на Законот за извршување, за кој велат дека неколку пати по ред е пишуван исклучиво во интерес на извршителите и нивните богати клиенти, а против интересите на обичните луѓе.

„Се залагаме и за враќање на јавните станбени и социјални станови, зајакнување на правата на подстанарите и контрола на киријата, намалување на цените за комунални услуги… со еден збор, бараме политика за домување прилагодена на обичните луѓе, а не на крупниот капитал“, велат од колективот.

Од колективот дополнуваат дека активистите, покрај солидарните акции, ги советуваат луѓето кои се директно загрозени, а се уште не се нашле пред присилно иселување, организираат работни акции и собираат помош за сиромашните и загрозени семејства. Меѓудругото, додаваат тие, разоткриваат лоши закони и уредби, а се залагаат за одговорна станбена политика.

Мартин Колоски