Правда за Гоце – Мото протест против неказнивоста за сторителите на тешки дела во сообраќајот

Утре (19 декември) напладне од пред „Веро“ во Тафталиџе ќе започне мото протестот против неказнивоста за сторителите на тешки дела во сообраќајот.

Како причина моторџиите ја наведуваат условната казна за Васил Чорбаџиев, кој судот го прогласи за виновен за смртта на мотоциклистот Гоце Димитриевски од Тетово, а при несреќата со тешки повреди се здоби и неговата сопруга Наташа, која поради тоа го изгуби и нероденото бебе (септември 2020). Повод е последната одлука на Советот на јавни обвинители кој, како што стои во најавата за протестот, не најде вина кај обвинителката што го водеше случајот пред судот (декември 2020).

„Со мото протестот, ние, мото клубовите и поединци од Македонија, сакаме да ја предупредиме јавноста и институциите дека владее недозволива неказнивост на сторители на тешки кривични дела кои завршуваат со смрт во сообраќајни несреќи каде инволвирани се мотоциклисти. Сообраќајните незгоди можат да му се случат на секого, вклучувајќи не и нас мотоциклистите, но секој треба да одговара за своите постапки. Во изминатите години сме сведоци на многу случаи во кои мотоциклисти гинат на патиштата низ Македонија, а одговорните лица не ја добиваат заслужената казна. Изрекување на казна условен затвор, де факто слобода, во случајот како за сообраќајката кај Млечен, каде загина еден човек и неговото неродено бебе, а неговата сопруга беше тешко повредена, е недозволива судска пракса. Судиите кои носат вакви пресуди и обвинителите за кои ваквите пресуди се прифатливи, треба да знаат дека со таков тип неказнивост, директно поттикнуваат натамошно дивеење во сообраќајот, кое доведува до нови жртви кај невини луѓе кои се придржуваат на правилата и прописите“, стои во најавата за протестот.

Во неа се додава и дека овој мото протест е опомена до судовите и обвинителствата да се преиспитаат зошто се носат судско-обинителски одлуки што доведуваат до неказнивост. Мото протестот истовремено е и апел до Апелационите судови, вклучувајќи ја и скопска Апелација, да ја преиспитаат пресудата за сообраќајката кај Млечен, но и сите други пресуди каде има тешки последици, а има судски одлуки кои се практично неказнивост.

Моторциите на местото на сообраќајката кај Млечен најавија блокирање на една лента (со пауза од една минута молчење/или турирање, да му се одаде почит на загинатиот), по што ќе продолжат со возење во колона во една лента по „Иво Лола Рибар“  низ центар со вртење лево кај Собрание за да поминат покрај Основно јавно обвинителство (мостот после ГТЦ). Во 12:30 пред Основен Суд Скопје 1 е најавена блокада на булеварот пред судот.