Правда за девојчињата – протести низ Хрватска по случај на силување

Илјадници луѓе денеска протестираа низ цела Хрватска, барајќи правда за жртвите на сексуално насилство кои не добиваат заштита од системот, објави БИРН.

Причина за револтот беше ослободувањето на пет млади момчиња обвинети за групно силување, малтретирање и уценување на 15-годишно девојче во крајбрежниот град Задар.

Петте млади луѓе беа изведени пред судот во Задар минатата недела, кој одлучи да не ги приведе и само издаде наредба за ограничување на движење. Но, по жалба на Обвинителството, судот нареди сите петмина да се притворат во истражниот притвор во рок од 30 дена. Сепак, демонстрантите не се откажуваат од нивните барања.

Организирани од повеќе групи на права на жените под мотото „Правда за девојчињата“, тие велат дека самото неказнување е кривично дело и ги повикуваат институциите да се ангажираат повеќе за да ги заштитат жртвите на сексуално насилство и да ги казнат сторителите.

Тие исто така сакаат да видат дисциплинска постапка спроведена против судијата кој ги ослободил осомничените, случајот да се пресели во друг суд и промена на кривичниот закон која ќе значи построги казни за силување.