„Правда за Дафне“ – Година по убиството на новинарката семејството обвинува за заташкување, а колегите протестираат

На 16 октомври, минатата година, малтешката блогерка и истражувачка новинарка Дафне Каруана Галиција беше убиена во автомобил-бомба во близина на нејзиниот семеен дом во градот Биднија.

Една година подоцна, нејзиното семејство е разочарано од недоволниот прогрес во истрагата за нејзината смрт во кое засега се уапсени три лица, обвинети дека биле извршители на убиството, но не и евентуалните нарачатели на злосторството.

„Изгледа како ништо да не се случува. Кога бараме некои нови информации, одговорот од јавниот обвинител беше наше исмевање, одговарајќи дека не може да „коментира во од“, фраза која беше и името на блогот на мојата мајка“, вели за Индепендент, Метју Каруана Галиција, синот на Дафне, кој исто така е новинар.

„Изгледа како да се работи за целосно заташкување и комплетен недостаток на волја за истражување на мотивите за убиството и наредбодавците“, додава тој.

Опишана како „жена Викиликс“, 53-годишната Каруана Галиција несомнено беше една од најхрабрите новинари во островската земја која смело истражуваше за непотизмот, клептократијата, даночните проневери и други видови на криминал во Малта.

Нејзиното убиство привлече светско внимание. Илјадници Малтежани протестираа на улиците против таканаречената „мафијашка држава“.

Денеска на социјалните мрежи голем број новинари објавуваат свои слики под пораката „Правда за Дафне“, а новинарските здруженија изразија загриженост околу независноста на истрагата и тоа што не се расчистени сите сомнежи – како тоа, дали нејзиното убиство е поврзано со нејзините новинарски текстови.

„Во последните три години 18 новинари беа убиени во земји членки на Европската Унија или кандидати за членство. Оваа ситуација од екстремен обем бара силна реакција од државите за поголема заштита на новинарите. Истовремено бара и силна борба против неказнивоста. Чекаме на конкретни гестови, кои не се симболични“, изјави Генералниот секретар на федерацијата, Рикардо Гутјереш.

Меѓународната и Европската федерација на новинари денеска ќе се приклучат на протестот во Брисел, кој го организира семејството на Каруана Галиција.

Малтешката влада понуди награда од 1 милион евра за секој кој може да обезбеди конкретни информации за убиството, но, месеци подоцна, во јули 2018 година, министерот за внатрешни работи Михаел Фаругиа соопшти дека повикот не довел до „вистински и видливи дојави“.

Во ноември минатата година, на Малта беше испратена и делегација од Европскиот Парламент, на мисија за утврдување на фактичката состојба. Тие изразија сомнежи во независноста на судството и полицијата и способноста на властите да спроведат истрага помеѓу највлијателните луѓе во Малта.

Неколку дена по заминувањето на делегацијата од Малта, на 4-ти декември 2017, полициските и армиските сили извршија акција во пристанишно складиште во близина на главниот град Валета. Три лица, браќата Џорџ и Алфред Деџорџио и нивниот соработник Винсент Мускат беа уапсени и обвинети за убиството, криминално користење експлозив и злосторничко здружување.

Според полицијата на местото на злосторството нашле цигара со ДНК остатоци од обвинетите, како и пораки меѓу браќата за времето кога треба да се активира автомобилот-бомба. Во судскиот процес, кој се уште трае, уапсените ги негираат сите обвиненија.

Полицијата верува дека лицето кое го нарачало убиството на Каруана Галиција сè уште е на слобода, а истрагата останува голем тест за судскиот систем и властите во Малта.

Во август, семејството на Каруана Галиција достави правно мислење на 24 страници до Специјалната малтешка комисија во Лондон, со кое се бара анкетна комисија за случајот, и се обвинува дека Малта не успеала да направи никаква истрага за вмешаноста и одговорноста на државата во убиството на новинарката.

За незаинтересираноста за разврската од убиството на Каруана Галиција во државните медиуми и генералната клима за новинарите во Малта оваа недела пишуваше малтешкиот блогер Мануел Делиа, кој во коментар за „Тајмс оф Малта“ се присетува на заканите и обвинувањата дека е предавник поради тоа што зборувал за убиството на Каруана Галиција за странски медиуми.

„Сè ова би било метафорично доколку не живеевме во земја која е многу различна од пред една година. Лани живеевме во држава каде новинарите беа неподносливо малтретирани. Сега живееме во земја каде е убиен новинар“, напишал Делиа.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.