Пратениците си го изгласаа намалувањето на патните трошоци

Со 76 гласа „за“ и еден „воздржан“ пратениците ги изгласаа измените на Законот за пратеници со што се намалуваат патните трошоци.

Отсега, наместо досега утврдените до 30 проценти по изминат километар од продажната цена на еден литар гориво за возилото кое се користи, пратениците ќе добиваат надомест до 20 проценти по изминат километар.

Со измените, на пратениците кои живеат подалеку од 100 километри од Собранието им се овозможува надомест за закупнина на стан во Скопје. Тие кои ќе закупат стан ќе имаат право на надомест за само четири патувања месечно од и до нивното место на живеење, за да може да контактираат со гласачите.

Намалувањето на патните трошоци доаѓа по притисокот на јавноста поради високите суми што се одлеваа од буџетот за патувањето на пратениците, а се движеа и над 10 000 евра за половина година, кај дел од пратениците.