Пратениците разединети, невладините обединети: Општество за сите не се гради со хомофобија

Општество за сите не се гради со хомофобија, децидни се граѓанските организации кои осудија хомофобичните изјави на дел од актуелните пратеници кои преку дискриминаторски говор и говор на омраза ја деградираат ЛГБТИ заедницата.

„Сметаме дека реториката за традиционално и конзервативно општество која беше присутна во изминатите години имаше за цел да ги маргинализира и дополнително стигматизира ЛГБТИ луѓето во Македонија. Очекуваме ваквиот говор да се санкционира и политичките партии да се оградат од јавните настапи на своите членови, кои се во судир со уставниот принцип на еднаквост на сите граѓани.

Со големо внимание ја следиме работата на сите државни органи кои учествуваат во процесот на донесување одлуки и спроведувањето на најавените реформи за демократизација на македонското општество. Потсетуваме на ветувањето на новата Влада дека ќе гради општество за сите, во кое ќе се санкционира дискриминацијата и говорот на омраза. Токму затоа ја испраќаме оваа реакција во однос на скорешните јавни настапи на дел од актуелните пратеници,“ се наведува во соопштението на кое се потпишани ЛГБТИ Центар за поддршка, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, Хелсиншки комитет за човекови права и ЛГБТИ Јунајтед – Тетово.

Надуен балон – партиски или лични ставови

Реакцијата на невладините доаѓа по вчерашните несогласувања меѓу пратеници од власта и опозицијата, кои кулминираа со денешните преписки по социјалните мрежи и пратеничките изјави за потребите на ЛГБТ заедницата. Темата вчера ја начна пратеникот на ДУИ, Бранко Манојловски кој на седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците побара да се легализираат истополовите бракови во Македонија.

„Многу прекрасни луѓе, треба да им се дадат сите права на хомосексуалците во оваа република. Сите, дури и правото на брак. Ќе речете, зошто тоа? Еве зошто – тие заедно работеле и направиле една куќа, и едниот умрел потоа. И сега, тој не може да ја наследи куќата затоа што бил хомосексуалец“, изјави Манојловски.

На ова му реплицираше пратеникот од Беса, Африм Гаши, кој рече дека брак меѓу хомосексуалци за нив е неприфатливо. Сличен став споделија и од ВМРО – ДПМНЕ,  додека од СДСМ реагираа дека барањето на ДУИ не е ставено како точка на дневен ред на Комисијата.

Препукувањата на темата денеска беа подгреани од статусот на потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, напиша статус на Фејсбук каде преку религиозна изрека од пророкот Мухамед ја осудува хомосексуалноста. Во меѓувреме за Фокус, генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски изјави дека партијата не го дели ставот на Зекири, како и дека ФБ профилот е приватна сопственост и секој таму има право да пишува што сака. На темата не останаа покуси и ВМРО-ДПМНЕ, па пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ , за време на пресот пред Собрание потсети на партискиот став дека „бракот е заедница исклучиво помеѓу еден маж и една жена“.

Манојловски и денеска повтори дека останува на својот став и се обрати на англиски јазик од собранискиот прес-центар, за како што рече гласот за оваа проблематика за одекне пошироко.

„Имам многу пријатели кои се хомосексуалци. Тоа се вредни луѓе, чесни, интелектуалци. Ние не можеме да го измениме тоа што постои, во сите држави, па и кај нас. Сакале или не, тие ќе бидат дел од иднината, дали го прифаќаме тоа или не. Ова е мој личен став како Бранко и ова не го кажувам ниту во име на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или ДУИ. Не се работи за политичка тактика туку се работи за едно сензитивно прашање на лична определба“, рече Манојловски.