Пратениците гласаа „за“ воведување државен испит за студентите

Пратениците со 71 глас „за“ и 8 „против“ доцна попладнево ги прифатија измените и дополнувањата на Законот за високо образование, во прво читање, со што дозволија процедурата да продолжи и да бидат дадени на натамошно читање.

Додека народните избраници расправаа во собраниската салата, надвор пред Собранието студентите и професорите од Пленумот побараа дебата и изнесоа бројни аргументи против законските измени.

Најголемата новина со законските измени е воведувањето на државниот испит за студентите во втора и во последната година од студирањето, како и за идните магистри. Со измените се пропишуваат и затворски казни за декани и ректори кои ќе дадат диплома без положен државен испит, а тој станува потребен дури и при нострификација на дел од странските дипломи. Измените дозволуваат студиски програми од трет циклус на студии (докторски) да организираат само првите пет рангирани универзитети и високообразовни установи во состав на универзитетите.