Група пратеници во Собранието на РМ предлагаат измени во Законот за животна средина, со кои би се уредиле надлежностите на градоначалниците на општините и Градот Скопје за забрана на активностите на загадување, за санација на штетните последици и за надоместокот од загадувачот на причинетите штети од загадување на животната средина, објави Академик.
Со Предлог-законот, според пратениците, би се дефинирале локалните мрежи на мониторинг, а на општините и Градот Скопје ќе им се даде законска обврска за водење на катастри на загадувачи и за животна средина. Исто така, обврска за изготвување, односно давање извештај за состојбите на животна средина, како и соработката со правните лица кои вршат интерен мониторинг.
Понатаму, задолжителни би биле мислењата на општините и Градот Скопје за студиите за влијанието на проектите врз животната средина и А-интегрираните еколошки дозволи. Носителите на еколошките дозволи, пак, да даваат повратно известување околу нивно спроведување.
Измените би ги уредиле правата и обврските на локалните органи да пријавуваат прекршување на граничните вредности на емисии согласно А-дозволите. Тоа би било услов за одземање на дозволата, утврдено со правосилни решенија на Државниот инспекторат за животна средина, а би се обезбедило и финансирање на локалните мрежи на мониторинг.
Предложувачи на измените се пратениците Панчо Минов, Драган Данев, Лилјана Затуроска, Слаѓана Митовска и Ане Лашкоска.