Пратеници бараат законски измени за пушачите и локалите

Група пратеници од парламентарното мнозинство предложија измени на Законот за заштита од пушењето, по скратена постапка.

Дел од потенцијалните измените се однесуваат на објектите во кои се сместуваат гости, каде би можеле да се определат соби за сместување за пушачи, но најмногу до 30% од вкупниот капацитет на објектот.

Меѓу другото, би се измениле и одредбите за регулацијата на пушењето надвор од објектите. Предложено е одделните простори за пушење, кои досега можеа да бидат затворени со покрив, но отворени барем од три страни (ѕид, тенда, се останато отворено) сега може да бидат затворени.

Исто така, предвидени се и промени во однос на правните лица:

„Во јавните простории од член 2 на овој закон, одговорното лице на правното лице ќе определи просторија во која може да се пуши, доколку има можности, а во сите други простории ќе истакне знак за забрана на пушењето и ќе обезбеди контрола на забраната на пушењето. Определувањето на јавни простории и истакнувањето на знакот за забрана на пушењето од став 1 на овој член ќе се изврши во рок од 60 дена од влегувањето во сила на овој закон“.

Иницијаторите сметаат дека со измените и дополнувањата на Законот од 2008 година наваму, воведувани се се построги правила на заштита од пушењето. Особено во делот на делот на заштитата од пушењето во угостителските објекти, велат тие, правилата се преограничувачки и за вршителите на угостителската дејност, и за корисниците на угостителските услуги, но и за самите пушачи.

„Актуелните законски решенија ја влошија економската состојба во Република Македонија, со тоа што заради драстично намалената посетеност на кафеаните, кафетериите, ноќните барови, кафе баровите, кабареата, дискоклубовите, пивниците и коцкарници, сопствениците беа принудени да отпуштат дел од постојано вработениот персонал, со што се зголеми и бројот на невработени, што е во спротивност со владините кампањи за отварање нови работни места. Угостителскиот сектор доживува драстичен пад на прометот (околу 75%) особено за време на периодите кога временските прилики не се поволни за работа (зима, доцна есен и рана пролет), период во кој угостителите се дополнително оптоварени со зголемени режиски трошоци (струја, греење и сл.)“, стои во предлог документот.

Од друга страна, пратениците сметаат дека намалениот обем на работа за последица има и намалени обврски по основ на ДДВ и престанок на закуп на земјиштето сопственост на државата за поставување урбана опрема , следствено и комунална такса, со што директна штета трпат и општината и државата.

„Угосителите се принудени нивните гости кои сакаат да запалат цигара, или да ги одвратат од намерата да бидат нивни гости, или пак да ги упатат гостите вон деловниот објект, вклучително и вон терасите и летните бавчи, што е мошне неприкладно, недолично и непродуктивно.

Контрадикторноста на Законот ја гледаме во тоа што истото дејствие, т.е. запалена цигара надвор од деловниот објект (на тераса, летна бавча и слично), ако се временските услови погодни и преградите подигнати или отстранети , не подлежи на санкција, додека во спротивно подлежи на санкција, која патем е огромна. Тоа угостителите ги става во директна зависност од метеоролошките услови, што е прилично неблагодарна ситуација“, образложуваат пратениците.

Основната цел за која треба да се постигне со предложените законски одредби е „да се променат одредбите од постојниот закон со чија примена се предизвикаа економски и социјални проблеми“.