Практична апликација за пазарот на недвижнини – идеја победник на Startup Weekend

Минатиот викенд во Скопје се одржа 8-то издание на Startup weekend, на кое 10 тимови  промовираа бизнис идеи во соработка со ментори од бизнис секторот од земјава и странство. По завршување на финалните презентациите, жири комисијата ги  прогласи победниците. Првото место го освои тимот SpaceUP во чиј состав се Елена Костовска, Сара Станоеска, Моника Ризовска и Стефан Станоески. Во интервју за Радио МОФ го споделија своето искуство за учеството на Startup Weekend, воедно и го најавија почетокот на реализација на идејата.

Од каде ја добивте инспирацијата и во која сфера спаѓа бизнис идејата ?

Елена: Веќе некое време си играм со идејата за создавање социјално претприемаштво и исто така би сакала да работам на развивање на апликација. Целта ми беше да создадам производ – апликација која ќе даде доволно општествена вредност за да ја користат сите, а ќе нуди бесплатни услуги на сите оние кои имаат потреба од тоа. Во процесот на склопување на идејата се создаде фузија на нешто што моментално го нема на пазарот и може да има огромен ефект во сегментот на недвижнини. Пресреќна сум дека најдов тим кој исто така верува во општествена промена, сака да се инвестира во ваков проект и поддршка за овој проект да стане реалност.  Дали ви се допаѓа идејата ќе ни кажете за неколку месеци.

Колку време ви беше потребно и како се одвиваше работата?

Стефан: Покрај времето за кое ни беа достапни просториите на InnoFEIT, односно околу 30-тина часа, преточивме и неколку часови сон од она што на крајот беше нашата идеја. Кога веќе ја спомнав, идејата со која што иницијално се почнува најчесто претрпува голем број промени и адаптации, се’ со цел да таа се донесе во онаа импровизантна состојба која треба да го воодушеви жирито. За тоа треба екипа која ќе ги препознае предизвиците и ќе најде решение за секој од нив, така што тимскиот дух, а и подготвеноста на сите членови од тимот играше огромна улога.

По што се издвојува проектот од останатите?

Нашето решение е комбинација на подобрени услуги што се од голема важност за сите и е валидна практична идеја што соодветствува на потребата и го олеснува животот.

Што ве мотивираше во процесот?

Елена: Жарот со кој секој во тимот додаваше на идејата како да се направи подобра и поуспешна, постојаната мотивација од организаторите и brainstorming сесиите со менторите. Целокупната атмосфера на настанот и огромната поддршка од сите учесници.

Какво беше искуството со менторите ? Дали ви помогнаа при формирањето на идеите?

Стефан: Менторите кои беа дел од настанот беа повеќе од подготвени да одвојат и по неколку часа за секој од учесниците, а нивните насоки, совети и идеи несомнено влијаеа на се’ она што беше презентирано на крајот, од сите тимови.

Од помош со дизајн и имплементација, до истражување на пазарот и апликабилноста на решението на кое работевме, беа спремни да споделат искуства кои не се општо достапни, а беа незаменливи при работата.

ФОТО: Startup Weekend Skopje / ФБ

Зошто е важна тимската работа и дали имате претходно искуство во она што го работевте?
Сара: Добрата тимска соработка и координација го доведува функционирањето на тимот на ниво на организам, што придонесува кон ефективноста во исполнувањето на задачите со кои бевме соочени. Со конкретната проблематика на пазар на недвижнини никој од нас немаше претходно искуство, но се потрудивме да адресираме актуелни проблеми кои стануваат сѐ позастапени во современото општество и начин на живот.

Колку тимови беа во конкуренција? Што мислите за идеите од спротивната страна?

Моника: StartUp Weekend Skopje имаше 50 учесници и 10 тимови. Имаше 28 ментори и одличен организациски тим од Solveo. Идеите оваа година беа доста интересни, “Tree D”, имаа бизнис идеја за холограми кои се употребуваат за маркетинг цели и во исто време го прочистуваат воздухот. “Homade”, имаа идеја за подготвување и достава на здрава готвена храна, во соработка со домаќинки и компании во регионот. Имаше дури и развиени идеи и за Кинескиот пазар и тоа е добар показател дека се размислуваше во чекор со трендовите на светските пазари.

Освен по вашиот успех, по што друго ќе го паметите настанот, што ви остави најголем впечаток?

Моника: Дека дури и да имаш само 4 часа да подготвиш бизнис план, идеја и се останато ако имаш јасна насока, добар тим можеш да стигнеш до прво место.

Стефан: На настанот имаше огромен број на профили на луѓе, од различни возрасти, со различни професии, искуства итн. Една од работите кои ќе останат во сеќавање ќе биде подготвеноста да соработуваат помеѓу себе, меѓусебно потпомагајќи се за да се постигне саканата цел. Исто така мора да се спомне неуморноста на организаторите на настанот, кои беа постојано присутни и секогаш знаеја како да најдат начин да помогнат, без разлика дали имавме технички / логистички прашања или потреба од трошка мотивација за да се одржи енергичноста во која се работеше.

Сара: Остварените контакти, одличната организација и целокупното позитивно искуство да се биде дел од еден ваков настан.

Елена: Има многу работи, ќе издвојам само неколку и имате мој предлог до година да се пријавите и вие да доживеете едно вакво прекрасно искуство. Синергијата на сите вклучени во овој викенд беше постојана, организаторите неуморни во своите обиди да не мотивираат да бидеме креативни и иновативни и целиот викенд беше исполнет со споделување на знаење и искуство за како да научиме повеќе и да се подобриме. И секако најкреативната награда до сега за креативна фотографија, пакет Чунга Лунга кој не врати во детството на краток период.

А.И.