Мандатарот за состав на новата Влада и лидер на СДСМ, Зоран Заев ги објави предлозите за министри од неговата партија, објави Мета.
Предложени се Радмила Шеќеринска за министер за одбрана, Оливер Спасовски министер за внатрешни работи, Драган Тевдовски министер за финансии, Никола Димитров министер за надворешни, Рената Десковска министер за образование, Љупчо Николовски министер за земјоделство, Мила Царовска министер труд и социјала, Роберт Алаѓозовски министер за култура, Дамјан Манчевски министер за информатичко општество и администрација и Горан Сугаревски министер за транспорт и врски.
Кочо Анѓушев е предложен за нов вицепремиер за економски прашања, а Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска се предложени за министри без ресор.
Заев нагласи дека во најбрз можен рок до Собранието на Македонија ќе го прати составот на идната Влада. Тој рече дека до СЈО ќе прати писмо за проверка дали некој од кандидатите се под истрага, а „кога ОЈО ќе биде права институција“, ќе се консултирале и со нив.
Од Движењето Беса, пак, соопштија дека тие нема да бидат дел од идната влада. Оттаму велат дека Заев не е подготвен да ги прифати барањата на Беса, но дека ќе бидат конструктивна опозиција и ќе ја поддржат секоја иницијатива која ќе биде од корист на граѓаните.