Познати диџеи и нивните работни места пред да станат славни

Најчесто, нашата перцепција за диџеите се потпира врз нивната слика, такви какви што се денеска: успешни, славни и во многу случаи, прилично богати. Но, не било отсекогаш така.

Многу од познатите диџеи почнале многу поскромно, иако постојат и такви кои живееле на висока нога и пред да влезат во светот на електронската музика. Еве листа на седум диџеи и нивните занимања пред да станат професионални и успешни „диск џокеи“:

Dixon

Пред да стане ценет гостин во најпознатите светски клубови, германскиот диџеј и продуцент Dixon бил талентиран фудбалер. Тој дури и настапувал за младинските категории на репрезентацијата на Источна Германија, но во развивањето професионална кариера го спречила хроничната повреда на коленото. Денеска, покрај тоа што е двоен носител на титулата „број 1 диџеј“ во изборот на Resident Advisor, тој е и сопственик на пекарница во Берлин, а негов е аматерскиот фудбалски клуб Magnet Mitte.

Deadmau5

Пред да стане светска клупска сензација, Deadmau5 работел во фабрика за конзервирање овошје, каде бил задолжен за селекција на праски на фабричка лента.

Calvin Harris

Американскиот EDM диџеј, официјално најбогат во оваа фела, како помлад работел во неколку ланци супермаркети, а има и искуство во фабрика за преработка на риба, од која бил отпуштен на неговиот роденден.

Eats Everything

Пред да дојдат неговите „пет минути“ во електронската музика, Eats Everything три години вршел телефонски интервјуа за работа преку телефон. За овој период, тој денеска вели дека е најлошиот во неговиот живот.

Nina Kraviz

Во едно од најимпресивните работни места во преддиџејското време, руската техно-дама Nina Kraviz имала куса кариера како стоматолог, со одбранет докторат, додека истовремено пишувала за списание во Москва и работела на локална радиостаница.

„Живеев двоен, троен живот“, вели Kraviz во интервју за Mixmag. „Станував во седум наутро за да одам на факултет или на работа секој ден, а никој не знаеше што правам преку ноќ или дека главата ми е полна со некое чудно електро што го слушав цела вечер. Студиите по медицина не се шега – не можете да пропуштате предавања дури и ако сте болни. Но, успеав, затоа што не размислував за ништо, освен за тоа дека работите треба да се направат. Само чувствував, го следев правецот во кој се движев“.

Sven Väth

Не секој од диџеите на оваа листа имал секојдневна работа пред да стане светски познат. Германската техно легенда Sven Väth, на пример, бил дел од поп групата OFF (Organisation For Fun), која во 1986 го имала големиот синтисајзерски хит „Electrica Salsa“. Со парите од заработката од оваа песна, Väth го отворил клубот „Omen“ во Франкфурт, по што ја започнал блескавата кариера како техно диџеј.

Diplo

Само пред неколку години, наместо на EDM мега-журките, Diplo „настапувал“ пред многу помала публика, како учител во училиште за деца со проблеми во однесувањето во Филаделфија.

Извор