Пожарите во зима се последица на климатските промени, но и на традицијата на палење стрништа

Голем дел од пожарите се поврзуваат со топлото време и со почнувањето на земјоделските работи и подготовките на пасиштата, кои кај нас традиционално се прават со палење на стрништата, пишува новинската агенција Мета.

Климатските промени ни донесоа пожари и во зима. Високите температури, невообичаени за овој период од годината, како и долгиот сушен период без врнежи од снег и од дожд, дополнети со човечки активности и невнимание, создадоа поволни услови шумите и планините да ни горат и во февруари.

Во последните неколку денови се регистрирани дваесетина пожари на отворено. Според податоците од Центарот за управување со кризи, горела нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери. Пожари се забележани речиси во секој дел од државата, на Шар Планина и на планината Жеден, во околината на Скопје, Прилеп, Охрид, Велес, Делчево, Куманово, Тетово, Чешиново… Голем дел од нив се поврзуваат и со топлото време и почнувањето на земјоделските работи и подготвките на пасиштата, кои кај нас традиционално се прават со палење на стрништата.

Од Националниот парк „Шар Планина“ денеска информираа дека пожарот над селото Вешала е веќе локализиран од страна на тетовските пожарникари и нивната ренџерска служба. Посочуваат дека ова не бил првиот пожар на отворено оваа зима, но се разгорел повеќе заради временските услови и посилниот ветер.

„Иако критичниот период за пожари во шума е во пролет и во есен, климатските промени и температурните осцилации и долгата суша кои ги предизвикуваат допринесуваат тие да се случуваат се порано. Деновиве ноќните температури на планина не се спуштаат под 4 Степени Целзиусови, што ги мотивира луѓето да излезат и да чистат на нивите, на пасиштата, покрај патот“, вели Анела Ставревска -Панајотова од Националниот парк „Шар Планина“.

Таа информира дека во паркот има десет ренџери кои се постојано на терен, но и дека се опремени со оскудна опрема која се состои од метли, лопати и ранци со вода, која не е доволна за справување со посериозни пожари.

„Иако пожарот е изгаснат, ние сме постојано на готовс. Сомнително е што последниот пожар започна веднаш покрај патот, заради што беше повикана и полиција, за да се утврди дали можеби некој го потпалил“, вели Ставревска –Панајотова и посочува дека многу е важно да се работи на превенцијата, а особено на едукацијата на населението во руралните средини за напуштање на практиките за палење, како начин на чистење.

Истите апели деновиве беа упатени и од Центарот за управување со кризи. Директорот Стојанче Ангелов тврди дека ниту еден пожар не настанува без влијание на човековиот фактор.

„Точно е дека вегетацијата е сува и дека немаше доволно врнежи, но на Шара во исто време се појавија пожари на четири места. Среќа е што тие веќе се изгаснати“, посочува Ангелов.

Тој информира дека огнот е сè уште активен на планината Жеден, каде што горат трева и грмушки, а за негово гаснење е ангажиран и полициски хеликоптер. Од ЦУК исто така апелираа да не се пали вегетација на отворено, а појавата на пожар да се пријавува на бројот 112, како и другите итни случаи, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.