Пожари низ цела земја, Владата тврди дека има засилени контроли

Центарот за управување со кризи (ЦУК) вчера евидентираше пожари низ повеќе делови од земјата. Во Скопскиот регион имаше кај Љуботенски бачила, но и шумски пожар кај манастирот „Св. Богородица“ кај Матка, кој се ширеше поради силниот ветар, па беше опожарена голема површина на даб и смрека. Нормализиран беше пожар кај фабриката за тули „Типо“ во Драчево.

Во Битолскиот регион, пожари се евидентирани кај селата селата Прељубје и Покрвеник, опптина Долнени и кај селото Тополница, во близина на каменоломот.

Во Тетовско до 18 часто се уште беше активен пожар кај селото Лакавица, општина Желино, кој се ширеше кон Седларево. Во општина Гостивар појавен е шумски пожар кај село Ѓурѓевиште.

Според ЦУК, во Охридскиот регион до истиот термин беше активен пожар во атарот на село Рамне во многу непристапен терен, каде гореше ниска деградирана шума и смрека. На гаснење на пожарот имало вработени од ШС.Сандански. Во општина Македонски Брод, пак, се интервенираше на пожар во Ботушје, каде гореше дабова шума.

Кај Велешкиот регион активно гореше кај Црешево, а во општина Чашка во атарот на Богомила, каде екипа на ШС Бабуна интервенирала со правење заштитен појас.

Борова шума гореше во Струмичкиот регион кај Свидовица и Куклиш, додека во Кумановско истовремено се гасеше пожар во село Никуштак кај место викано Баре. До 18 часот беше активен шумски пожар и кај село Живиње.

Од Владата велат дека се засилени контролите, апелирајќи до граѓаните за внимание за огнови на отворено на необезбедени места, да не се фрлаат шишиња и друга стаклена амбалажа и отпад, да не се врши палење отпад и друг запалив материјал и да не се фрлаат остатоци од цигари на отворен простор.

„Владата на Република Северна Македонија најостро го осудува палењето на стрништа или оган на отворен простор кои предизвикуваат пожари, и воедно упатуваме апел дека институциите редовно ги следат сите локации низ земјава со цел да се превенираат предизвикани пожари. Потенцираме дека лица кои ќе се затекнат како палат оган на отворен простор и кои предизвикуваат пожари поради палење на стрништа, ќе подлежат на законски санкции“, соопшти Владата.

Воедно, велат од таму, од МВР во 2019 година за предизвикани пожари поднесени се 8 кривични пријави за сторени 8 кривични дела „предизвикување на општа опасност“ против 8 сторители.

„Исто така, потенцираме дека државниот инспекторат за земјоделство и државниот инспекторат за шумарство и ловство вршат постојани контроли на терен со цел превенција од пожари предизвикани од палење на стрништа“, се вели во соопштението.

Потсетуваат дека поради појавата на шумски пожари се воведува забрана за движење во шума и шумско земјиште од 00:00 до 24:00 часот. Забраната започна да важи од 29 mart година и ќе трае се до нејзино отповикување.

Забраната не важи за движење во парк шумата Водно, Гази Баба како и за организирани тури на туристи, Националните паркови и заштитените подрачја со посебна намена во Република Северна Македонија, кои ќе бидат одобрени со дозволи од соодветните субјекти кои стопанисуваат / управуваат со шумите, во придружба на нивен преставник.

„Истовремено, ги потсетуваме граѓаните, доколку забележат одредени сомнителни места во кои е присутен оган или дим, веднаш да ги известат надлежните служби во најблиските институции и установи или да се јават на телефонскиот број 195, како број за итни повици на Центарот за управување со кризи. Воедно ги охрабруваме сите граѓани да пријават лица кои потпалуваат стрништа и оган на отворено во најблиските полициски станици или на број 192“, соопштува Владата.