Пожар во најголемата нуклеарна централа во Европа по гранатирање на руската војска

Утрово избувна пожар во една од помошните згради околу нуклеарната централа во Запорожје по гранатирање кое го извршиле руските воени сили, соопштија украинските власти.

Откако зградата горела неколку часа, бидејќи руските војници не дозволувале пристап на локалните пожарникари, огнот бил изгаснат во 6:20 часот по локално време потврдија украинските итни служби.

Глобалните медиуми пренесоа дека нуклеарната централа, која е најголема во Европа, потпаднала под руска контрола.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски испрати уште еден апел за помош до Европа по овој напад.

„Ги предупредуваме сите дека ниту една земја досега не гранатирала нуклеарна централа. Ова е првпат во историјата на човештвото кога терористичка држава прави нуклеарен тероризам“, рече Зеленски.

Светските лидери ја обвинија Русија за загрозување на безбедноста на целиот континент. Британскиот премиер, Борис Џонсон, нападот го нарече „неодговорен“ додавајќи дека претставува „директна закана за сигурноста на цела Европа“. Американскиот претседател, Џо Бајден, повика итно да престанат сите воени активности во близина на локацијата, додека канадскиот премиер, Џастин Трудо, изјави дека овие „ужасни напади од Русија мора да престанат веднаш“.

Американската министерка за енергетика, Џенифер Гранхолм, на Твитер напиша дека во моментов нема подигнати нивоа на радијација во близина на нуклеарната централа и дека реакторите се исклучени и дека се заштитени од робусни складишни структури.

Ваквите информации ги потврдија и од Меѓународната агенција за атомска енергија, кои соопштија дека главната опрема на нуклеарната централа во Запорожје не била засегната од пожарот, повикувајќи се на регулаторите во Украина.

Во текот на ноќта руската војска продолжи со нападите во поголем број од украинските региони. По заземањето на стратешки важниот пристанишен град Керсон, со излез на Црно Море, нападите продолжуваат кон градот Мариопол, кој во моментов е опколен од руска армија.

Расте загриженоста и поради огромниот конвој руски воени возила во близина на Киев. Иако претставници од американското министерство за одбрана велат дека најверојатно конвојот запрел поради проблеми, постојат и други претпоставки дека тие воени сили се регрупираат и чекаат логистичка поддршка пред да го нападнат главниот град на Украина.

Во телевизиски говор, рускиот претседател Владимир Путин рече дека воената операција во Украина се одвива според планираното. Претходно во телефонски разговор со францускиот претседател, Емануел Макрон, Путин  рекол дека одбивањето на украинската власт да ги прифати руските услови значи продолжување на војната во Украина. Од француската Влада во соопштението велат дека нивните очекувања се дека „најлошото допрва следи“.