Повторно одложено судењето за Савески и Куновски, тие порачаа: Нема да нè заплашат

Судењето за членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски е повторно одложено, овој пат на 31 мај. Причина за одложувањето е неажурноста од страна на Правобранителството, околу доставувањето на извештајот за проценката на штетата направена врз Канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов, за време на протестот на 13 април.

Савески и Куновски се во куќен притвор речиси еден месец, и двајцата се товарат за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“. Претходно, судот одлучи да им го продолжи куќниот притвор за уште 30 дена, поради сомневање дека ќе го повторат делото. Притворот треба да им заврши на 28 мај, три дена пред закажанотo судско рочиште. Затоа Савески смета дека ќе има ново продолжување и на домашниот притвор.

„Ова за нас е борба за слобода, борба за враќање на демократијата, борба за социјална правда и борба да ја вратиме надежта за подобар живот. И нема да им дозволиме нивното изживување да ни ја скрши волјата и вербата. Ако физички не сме на протестите, со срцето сме таму. И тоа не можат да ни го одземат. Ова е нашата најголема и последна шанса да си ја вратиме земјата назад“, вели Савески за Радио МОФ.

И тој и Куновски се согласни дека нивниот притвор е политички мотивиран и има за цел да ги тргне од протестите и да ги заплаши останатите демонстранти.

„Тоа е игра за да не држат колку може подолго во притвор. Штом на нас се”тренира” вакви строгост е само знак дека режимските властодршци се смртно уплашени за сопствената судбина“, додава Куновски.

Тие велат дека нема да се откажат од борбата и дека повторно ќе се вратат на улица за да протестираат.

Вчера, условна казна затвор од три месеци доби студентот Борјан Ефтимов, кој се товари за истото кривично дело. Тој го призна делото, по што судот му одреди казна, под услов да не ја повтори во наредната година. Судењето за Филип Наковски и Никола Аризанов, пак, е закажано за утре. Сите тие беа приведени по протестот на 13 април, кога се демолираше Народната канцеларија на претседателот.