Повратна или карта во еден правец?

„Човек со завршено основно образование го чини општеството 9.000 евра, човек со завршено средно образование прави штета од околу 14.500 евра,а човек со факултетско образование околу 29.000 евра. Доколку личност која поседува докторат, реши да ја напушти државата, државата има загуба од 48.000 евра“.

Ова се дел од податоците кои беа презентирани на панел-дискусијата со наслов „Повратна или карта во еден правец: како земјата се справува со одливот на мозоци?“ од страна на Дамир Незири, претставник Вестминстер фондација за демократија.

Настанот кој беше од отворен карактер се одржа во канцеларијата на „Млади Хаб/Канцеларија на Претседателот“, а присутните дискутираа и ги образложуваа сите мерки преземени за да се спречи иселувањето на младите од нашата држава.

Како што истакна Незири,  бројките се слични за сите земји од регионот.

„Образованието чини повеќе во земјите каде што се иселуваат од пет до осум пати повеќе. Таквата стручна сила би чинела од 200-300 илјади евра, а на овој начин ја добиваат бесплатно, можеби со мала инвестиција за нивно надоградување. 333 милиони евра на годишно ниво чини потенцијалниот придонес доколку луѓето би продолжиле да живеат во државата кога 21 илјада граѓани се иселуваат од државата. Заклучукот е дека се губат 16.000 евра потенцијален придонес по една иселена личност“, се изјасни Незири.

Никола Шалваринов, директор на Агенцијата за иселеништво пред јавноста ги изнесе податоците кои Агенцијата за иселеништво ги добива од нашите емигранти. Посочи дека населението кое е преселено во Америка или Австралија не се враќа во Македонија. Вели дека поголеми шанси да се врати има населението кое се иселува во Западна Европа.

„Доколку се иселите 5 години минимум и 15 години максимум е периодот за да се среди живеењето во друга држава. Генерално животот ќе ви биде работа-дома-работа- дома. Перцепциите се погрешни, доколку се иселите ќе живеете мошне скромно, во кутивчиња и ќе доаѓате неколку недели годишно за да ги трошите парите кои ги имате заштедено. Психолошкиот товар е голем за да успеете. Вие ќе штедите цела година за да се претставите како успешни, ќе давате пари за да изнајмите скапа кола, ќе частите што на нас како држава ни одговара. Државава има помеѓу 800 илјади до 1 милијарда евра прилив од иселеништво. Тука има простор за сива економија,“ порача Шалваринов.

Сафет Незири, претставник од Министерство за образование и наука како средство за задржување на младите ги посочи реформите во средното стручно образование.

„Првпат во учебната година 2019/2020 има реформи во наставниот план. На една иста маса ќе седнат работодавач, претставник на стопанска комора, претставник од здружението на работодавачи, претставник на синдикатот, претставник на министерството, претставници од средните стручни училишта и родителите да најдат начин како да ги задржат младите во државата. Според наставниот план, 49% ќе биде теорија, а 51% ке биде пракса. На тој начин многу млади ќе бидат вработени во приватниот сектор“, рече тој.

Според него, позитивна мерка се и стипендиите кои учениците ги добиваат за време на средното образование, како и стипендиите за студенти. Тој своето излагање го затвори со посочување на мерката за стипендии на студенти кои ќе се запишат на некои од најдобрите факултети на Шангајската листа како уште една мерка за задржување на младите.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски ги наброја мерките кои се преземени против одливот на мозоци. Тој истакна дека младите кои студираат на најдобрите факултети на Шангајската листа ќе добијат вработување од државата по враќањето од странство, а додава и дека постојат бројни можности за самовработување преку мерки преземени од државата. Како конкретни мерки од Агенцијата за млади и спорт ги наброја конкурсот за најдобра бизнис идеја, конкурсите на Фондот за иновации, европската картичка со која над 4000 млади уживаат поволности како своите врсници од ЕУ и 10.000 евра неповратни инвестиции во земјоделието, но како најважна мерка го посочи Законот за младинско учество преку кој младите ќе бидат вклучени во креирање на младинските политики на државата.

По дискусијата следуваше дебата со присутните во публиката, кои сметаа дека нивните искуства во странство не се согласуваат со ставовите на излагачите. Остана отворено и прашањето дали државата презема реални мерки против одливот на мозоци и дали преземените мерки се конструктивни.

Ивана Смилевска