Повик за волонтери на шестото издание на „МакеДокс“

Интернационалниот фестивал за креативни документарни филмови „МакеДокс“ објави повик за волонтери на шестото издание на фестивалот, кој ќе се одржи од 20-26 јуни во Скопје.

Волонтерите ќе имаат можност да бидат дел од спремањето на фестивалот, да се дружат и запознаваат голем број на луѓе, а притоа ќе можат беспплатно да ги следат филмовите.

Според организаторите, нивна задача ќе биде средување на просторот, лепење плакати, помош во кујна или билетара, продажба на штандови, фотографирање, возење или дружење на гости, помош на шанк, одржување на просторот, помош и поддршка за работилници, средби, дискусии, проекции.

Волонтерите ќе бидат поделени во групи, во термини кои секому одговараат.

„Работата на волонтерите сите овие години се покажала како клучна за успешното функционирање на фестивалот од една страна, и волонтерите до сега биле еден од основните зачини на секоја година. Од друга страна, многу волонтери толку се поврзале на фестивалот што веќе се дел од фестивалската екипа“, велат од „МакеДокс“.

Заинтересираните треба да се пријават на festival@makedox.mk, најдоцна до 10 јуни, посебно или заедно со уште некој и ќе бидат дополнително известени за следните чекори. За дополнителни прашања и дилеми секој може да се обрати на festival@makedox.mk.