Повик за волонтери на „МакеДокс“

Фестивалот за креативен документарен филм „МакеДокс“ отвори повик за волонтери на претстојното издание во август.

Според организаторите, најубавите изданија на „МакеДокс“ започнуваат кога волонтерите за првпат ги отвораат портите на Куршумли ан.

„Волонтерите се љубов во движење“ рекол некој некогаш, а ние можеме да потврдиме дека изминатите 11 години сме добиле неизмерна љубов од преку 400 волонтери кои сите на свој начин придонеле да се гради оваа наша заедничка приказна“, велат од фестивалот.

Оттаму посочуваат дека повикот е отворен за сите досегашни и идни волонтери кои имаат време да бидат дел од дванаесеттото издание на фестивалот.

„Сите заинтересирани треба да се пријават на volonteri@makedox.mk најдоцна до 30.07. и да ни пишат, зошто сакаат да волонтираат на „МакеДокс“ и кој е нивниот омилен документарен филм. Не е на одмет доколку пишете и што ве интересира; дизајн, палење свеќи, фотографија, шетање гости, сценографија или едноставно филмче на перница под ѕвезди по добро одработен ден“, стои во повикот.

„МакеДокс“ е искуство кое мора да се доживее – фестивалот низ призмата на волонтерите