Повик за видео работилница „Чекорење низ сеќавањата“

Зошто луѓето градат споменици? Какви пораки носат спомениците? Како да и пристапиме на историјата одбележана на овој начин? Да ли некои споменици воопшто треба да се подигнат? Кои споменици, поради некои причини, во моментот не постојат? Што за вас би било идеален споменик?

Ова се само некои од темите кои ќе бидат покриени на интерактивната работилница која ја организира Младински образовен форум во Скопје од 22 до 27 октомври, 2015 година.

Работилницата е отворена за средношколци од Македонија кои се во втора и трета година од своето образование и ќе се занимава со споменици, историја и пораки и лекции кои тие ги носат, на несекојдневен и интересен начин. Во текот на работилницата, учесниците ќе бидат поделени во три групи и секоја група ќе одбере кој е најинтересен споменик за нив, за понатаму да има можност да ја истражува деталната приказната за неговото создавање.

Работилницата опфаќа и стекнување знаења и вештини за снимање на репортажни и документарни видеа за одбраните споменици, вклучувајќи случајни минувачи. Видеата кои ќе бидат производ од оваа работилница понатаму ќе бидат прикажувани пред ученици од Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија. Со учесниците ќе работат професионални тренери од областа на историја и видео продукција.

Работилницата е отворена за сите средношколци што сакаат на научат критички да ги набљудуваат спомениците, историјата и начинот на кој тие влијаат на сегашноста. Учесниците ќе имаат можност да се дружат и да соработуваат со врсници од цела Македонија, да научат да користат камера и монтираат кратки филмови, како и да поминат пет активни денови во друштво на меѓународни и македонски тренери.

Сите заинтересирани за учество треба да ја пополнат ОВАА ПРИЈАВА до 14 октомври и да ја испратат на sanja_stefanovik@mof.org.mk. Потврда за учество ќе им биде испратена на одбраните учесници веднаш по истекот на рокот за пријавување. На истиот мејл или на телефонски број 02/3139692, локал 103 може да се упатат и сите дополнителни прашања за работилницата.

Трошоците за пат до Скопје, храна и сместување ги покрива организаторот. Официјален јазик на работилницата ќе биде македонски, но поради вклучување на тренери од странство, ќе се користи и англиски јазик.

Повикот и на албански јазик може да го најдете ОВДЕ.