Повик за уметници, илустратор(к)и и дизајнер(к)и за изработка на FIERCE WOMEN WOW карти

Во 2018 година во Хрватска се разви иновативната игра со карти Fierce Women која ги запознава нејзините играчи со достигнувањата на жените во сферите на културата, политиката, науката, феминизмот, човековите права и уметноста. Но, сега се повикуваат сите артисти од Европа да понудат свое решение за изгледот на новиот шпил карти, во кој ќе бидат прикажани 30 нови значајни жени, од Хрватска, Словенија, Ирска и Северна Македонија.

Станува збор за проектот Жени за жени (Women on Women) кој во моментот Здружението за промоција на женската активност Тиииит! Инк. го имплементира заедно со партнерите Prostor rodne i medijske kulture K-zona од Хрватска, Mesto Žensk од Словенија и Outlandish Theatre Platform од Ирска.

„Вкупно 7 жени од ова поднебје се наоѓаат во селекцијата и тоа: Роса Плавева, Накие Бајрам, Лилјана Дирјан, Вера Весковиќ Вангели, Искра Грабул, Мимоза Несторова Томиќ и Рајна Алексова за кои едвај чекаме да видиме интересни илустрации кои ќе ги претстават нивните ликови и достигнувања. Апликант(к)ите треба да изберат од една до три од листата на триесетте избрани жени, од кои не се бара завршена илустрација, туку доволно е само скица“, велат организаторите на повикот.

За таа цел објавен е повик отворен за уметници, илустратор(к)и и дизајнер(к) од цела Европа.

„Ги повикуваме креативците од нашата земја да се пријават најдоцна до среда, 24 јуни 2020. Оние автор(к)и чии илустрации ќе бидат избрани да бидат дел од овој шпил, ќе добијат награда од 160 евра (бруто) по илустрација и нивното уметничко дело како дел на овој шпил ќе биде промовирано преку различни канали на проектните партнери како социјални мрежи, фестивали и други настани. Исто така победничките и победниците ќе добијат шпил од Fierce Women WOW картите и еден од оригиналниот шпил Fierce Women“, стои во повикот.

Повеќе информации за правилата и можностите кој ги нуди овој повик, можете да најдете на веб страницата на Тиииит! Инк“, 

Проектот Жени за жени (Women on Women) и Fierce Women WoW картите се поддржани од програмата Креативна Европа на Европска Комисија.