Повик за учество во работилници за полицијата и правата на младите

Коалицијата „Сите за правично судење” во рамките на проектот “Младите и полицијата, кои се нашите права?“ распишува конкурс за избор на учесници на пет работилници кои што ќе бидат одржани во месец ноември 2013 година во градовите Гостивар, Битола, Струмица, Кочани и Скопје.

Повик за учество во работилници за полицијата и правата на младитеПраво на учество имаат сите заинтересирани млади луѓе на возраст од 16 до 24 години.

Основната цел на проектот ќе биде доближување на работата на полицијата до младите, хуманизација на односите меѓу младите и полицијата, како и создавање на критичка свест за односот со полицијата и органите на редот, а со цел почитување на правната држава и рушење на стереотипите за односот на младите кон полицијата.

На работилниците, младите ќе имаат можност да се запознаат со Законот за малолетничка правда, Законот за полиција, Законот за прекршување на јавниот ред и мир.

Преку учество на овие работилници, учесниците ќе добијат можност да ги идентификуваат основните проблеми во односите со полицијата, како и создавање на критички однос во врска со прашањата од безбедноста како и заштитата на основните човекови права.

По завршувањето на работилниците, во соработка со Фондацијата за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа Скопје, ќе биде изработена мобилна апликација и интерактивна веб страница за односот со полицијата, правата и слободите на младите.

Учеството на работилниците е ограничено на 25 млади луѓе во секој од горенаведените пет градови. Заинтересираните кандидати своето учество може да го пријават на следнава е-маил адреса: contact@all4fairtrials.org.mk или на телефонскиот број: +389 2 6139874.

Коалицијата „Сите за правично судење” е здружение на 18 невладини организации активни на полето на заштита на човековите права и владеење на правото. Работилниците пак се организираат во рамки на проектот на УСАИД за граѓанско општество,  спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија.