Повик за учество во Програма за мобилно новинарство

Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА објавува повик за учесници во Програма за мобилно новинарство, која е дел од проектот – „Преку мобилно новинарство до зголемување на медиумската писменост“.

„Целта на проектот е да ја подобри медиумската писменост и да создаде капацитети кај младите новинари и студентите по новинарство во областа на мобилното новинарство и преку менторство да продуцира стории од области важни за нашето општество, во форма на видеа“, стои во повикот на ПИНА.

За таа цел пожелно е пријавените кандидати да ги исполнуваат следните услови:

Да се студенти по новинарство или активни млади новинари.
Да имаат интерес за учење и напредок во сферата на медиумите и новинарството
Да имаат интерес за мобилно новинарство и нови дигитални алатки.
Да се стремат да работат според највисоки етички и професионални новинарски стандарди.
Да се креативни и посветени во работата и создавањето на финалните продукти од проектот.

Исто така, добредојдени се и кандидати кои немаат новинарско искуство, но сакаат да научат мобилно новинарство и нивните апликации исто така ќе бидат разгледани.

Од ПИНА нагласуваат дека кандидатите, освен што преку обука ќе имаат шанса да учат од странски експерт за мобилно новинарство, ќе бидат вклучени и во практична работа под менторство на домашни искусни новинари и експерти. Обуката за мобилно новинарство ќе се одржи од 25-ти до 29-ти септември, по што ќе следува менторски процес од неколку месеци.

„Од избраните кандидати се очекува да бидат посветени и вклучени во процесот на изработка на крајните видео продукти под водство на менторите и тимот на ПИНА“, се вели во повикот на Платформата.

Ќе бидат контактирани само оние апликанти кои ќе бидат селектирани. Повикот е отворен до 19-ти септември, апликации пристигнати по овој датум нема да бидат земени предвид.

Заинтересирани кандидати своето CV и контакти може да ги достават на info@pina.mk со назнака „За учество во Програмата за мобилно новинарство“.

Проектот се реализира со поддршка од грант-програмата на проектот „Медиумите за граѓаните – граѓаните за медиумите“, финансиран од Европската Унија.