Повик за учество во Балканска младинска редакција

Интернет платформа на која ќе се објавуваат новинарските производи на учесниците е резултатот кој треба да произлезе од новиот регионален проект во кој дел е и македонското Универзитетско радио „УГД ФМ“.

Проектот има за цел да им овозможи на младите во регионот преку обуки да се стекнат со знаење од областа на новинарството и медиумите, а ќе биде реализиран во Штип, Ниш (Србија) и во Сараево (Босна и Херцеговина) до крајот на 2015 година.

Во него ќе бидат вклучени вкупно 60 млади луѓе од овие балкански земји. Ќе има по 20 учесници од секоја од земјите, коишто поделени во групи ќе работат во новинарски редакции во Штип, Ниш и во Сараево. Сите учесници ќе работат во локалните редакции на партнерските организации во овие градови. Секоја група учесници, во текот на еден месец, ќе работат практична новинарска работа најмалку два дена месечно.

За да бидат дел од проектот потребно  е учесниците да бидат на возраст помеѓу 18 и 28 години, без разлика на нивниот социекономски статус, ниво на образование или на етничката припадност. Сепак, активисти, претставници на невладиниот сектор и студенти по новинарство се целната група на која се фокусира проектот.

Објавените новинарски производи – истражувачките приказни, новинарските текстови со висок новинарски квалитет и стандард, како и мултимедијалните производи на локалните, регионалните и на националните медиуми ќе им бидат понуди за реобјавување.

Носител на проектот е Фондацијата за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа во Скопје (Македонија), додека Универзитетското радио „УГД ФМ“ при Универзитет „Гоце Делчев“,  Новинската редакција Јужне вести во Ниш, Младинскиот магазин на Младинската организација во Босна и Херцеговина се трите партнерски организации вклучени во активностите на проектот Балканска младинска редакција.

Конкурсот за аплицирање на проектот може да се најде на следниов линк, а аплицирањето е до 31 март.