Повик за учество на Студентската лингвистичка конференција „СтуЛиКон 2015“

Група лингвисти, дипломирани и сегашни студенти на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, од 24 до 26 април 2015 година во просториите на Факултетот ќе ја организира четвртата регионална Студентска лингвистичка конференција – „СтуЛиКон 2015“. Право на учество имаат сите додипломци, постдипломци и магистри што се занимаваат со филолошките науки.

Темите на кои можете да пишувате треба да бидат од областа на: фонетиката, фонологијата, лексикологијата, зборообразувањето, морфологијата, синтаксата, прагматиката, историјата на јазикот, применетата лингвистика – социолингвистиката, психолингвистиката, когнитивната лингвистика, методиката на наставата, како и другите јазични дисциплини.

Секој кандидат може да пријави еден самостоен и еден коавторски труд напишан(и) на кој било јужнословенски јазик. Апстрактот треба да содржи најмалку 300, а најмногу 500 зборови, да биде напишан во фонтот Times New Roman, со големина на букви 12 и со проред 1,5, а потоа да биде испратен на електронската адреса apstrakti@stulikon.mk . Деталните упатства за пишување на апстрактот и сите други информации поврзани со „СтуЛиКон 2015“ може да ги најдете на официјалната интернет-страница или на страницата на „Фејсбук“. Крајниот рок за пријавување е 15 јануари 2015 година.

Учесниците се ослободени од секаков вид котизација, а одговорот за прифаќањето на темите ќе им биде доставен во текот на февруари 2015 година.