Повик за учество на школата „Дроги, политики и практики”

ХОПС – Опции за здрав живот Скопје отвори повик за учество на шестата по ред школа за „Дроги, политики и практики” што ќе се одржи од 4-9 ноември во хотел Манастир, Берово.

Оваа петдневна школа ќе понуди мултидисциплинарен пристап за учење за зависноста од дроги, пристап кој ќе ги земе предвид социјалните, медицинските, но и политичките прашања. Целта на школата е да ги едуцира младите стручни кадри за работа на полето на зависноста од дроги. Школата посебно ќе се фокусира на моделите на политика за дроги, третманите базирани на докази, намалување на штети, психосоцијална подршка и концептот на човекови права на корисниците на дроги.

На школата може да се пријават заинтересирани лица на возраст до 35 години а предност ќе имаат кандидати кои се дипломирани или студенти од завршните години на студии од социјална работа и социјална политика, правни студии, медицински студии, студии за безбедност, полиција и детективи, студии за психологија како и постдипломци од наведените области. Школата е отворена и за млади стручни работници кои веќе работат на полето на зависностите

Предавачите ќе бидат искусни практичари, психијатри, доктори, социјални работници и професори од Македонија: прим. д-р Славица Гајдаѕис Кнежевиќ, м-р Наташа Бошков, д-р Христијан Јанкулоски, д-р Дарко Костовски и Влатко Деков.

Програма (теми кои ќе бидат опфатени):

• Глобална состојба со дроги во светот и Македонија
• Дефинирање на проблемот, употреба, зависност од дроги, видови дроги
• Третман на зависноста од дроги
• Намалување на штети од употреба на дроги
• Психосоцијални програми за корисници на дроги
• Родови аспекти во развивањето на програмите за работа со лица кои употребуваат дроги
• Корисници на дроги и човекови права
• ХИВ/СИДА, предрасуди и ДСТ сервиси

Учесниците ќе добијат сертификат за учество на школата и стекнати знаења, а за да бидат избрани треба да пратат  мотивациско писмо и кратка биографија (CV) на е-маил: vlatkod@hops.org.mk, најдоцна до 22 октомври 2018 година.

Сите трошоци за школата се обезбедени од организаторот. Сите избрани кандидати ќе бидат известени за исходот, по електронски пат најдоцна до 25 октомври 2018 година.