Гете-институт Скопје, – културна институција на Сојузна Република Германија која својата дејност ја извршува низ целиот свет, го афирмира учењето на германскиот јазик во странство и негува меѓународна културна соработка и Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики, објавуваат повик за учество во еднодневен семинар на тема „Димензии на слободата“. Семинарот ќе се одржи во Музејот на современа уметност, на 7 октомври, со траење од 10.30 до 17.30. Предавачи на семинарот ќе бидат: Љубомир Данаилов Фрчкоски, Сашо Орданоски, Беса Арифи и Бранимир Јовановиќ.
Европа се наоѓа пред промени. Популистичките и националистичките партии добиваат поддршка во многу земји. Скептицизмот кон Европската Унија, кој беше изразен во референдумот за Брегзит, не е ограничен само на Велика Британија. Кризата со бегалците отвори нови прашања на кои европската политика нема едногласни и обединети одговори. Европа се соочува со предизвици на многу нивоа и е во потрага по решенија.
Во контекст на овие специфични предизвици, Гете-институт во 2017 година го започнува проектот „Сфера на слободата“, кој ќе се реализира и во текот на 2018 година, како и на почетокот на 2019 година. Неговата клучна точка е концептот на слободата, кој уште од Просветителството, беше суштински важен за културната историја на Европа и за европското чувство за идентитет.
Но, ветувањето зад овој концепт го загуби својот сјај. Некои од клучните основи врз кои се градеше европската мисла и мислата за Европа се загрозени и се доведуваат под прашање. Во светлината на овие случувања, сакаме да создадеме платформа за дијалог преку која ќе се дискутира за прашања поврзани со слободата и идентитетот, слободата и економијата, слободата и Европа.
Како дел од оваа платформа во настанување, ќе биде реализиран еднодневен семинар на кој четири еминентни професори, истражувачи, експерти и креатори на јавното мислење ќе ги презентираат своите концепти и можни решенија за унапредување и понатамошно суптилизирање на наведените прашања и предизвици со кои се соочуваме во заедничкиот европски простор/контекст.
Темата на предавањето на Љубомир Фрчкоски е „Идентитети и слободата“. Во рамки на предавањето ќе бидат опфатени аспектите на промена на концептот на културата во постполитичките општества, општествата на ризик или едноставно неолибералните општества, и логика на конституирање на новата политичка улога на културниот идентитет. Ќе се зборува за интервенцијата на правото во повторното поставување на границите на вклучените и исклучените идентитети и во тој контекст за претворањето на правата на човекот во нова политика на моќ. Исто така, ќе бидат разгледани и основите за можната радикална политика на еманципација на слободата.
Семинарот на Сашо Орданоски, конципиран како разговор, се занимава со следниве теми: кои се границите и сфаќањето на слободата во време на темелни дилеми за проблемите на современата демократија и предизвиците што ги поставува развојот на технологијата врз сфаќањето на приватноста и слободата на говорот како едни од темелните вредности на демократскиот политички модел? Какви се перспективите на реформата на демократскиот модел и кои се компетитивните општествено-политички модели што ѝ конкурираат на демократијата? Конечно, каде се наоѓа Македонија во приказната за слободата?
Предавањето на Беса Арифи е насловено „Слобода, идентитет и заштита од омраза“. Концептот на слободата е тесно поврзан со човековите права. Тој може да се однесува на слободата на говорот, како и на слободата да се изрази сопствениот идентитет. Понекогаш овие концепти се прелеваат еден во друг и е тешко да се воспостави тенката црвена линија помеѓу слободата на говорот и вмешувањето во слободите и правата на другиот. Целата на ова предавање ќе биде да се дискутира за овие ограничувања во контекст на конзервативните општества кои се борат да одржат одредено ниво на политичка слобода и не паѓаат во отворено тоталитарно владеење. На семинарот ќе се дискутира и за искуствата во земјите од Европската Унија и САД во однос на ограничувањата на слободата на говорот и инкриминацијата на говорот на омраза, а овие искуства ќе бидат споредени со реалноста во Македонија.
Бранимир Јовановиќ ќе зборува за врската помеѓу економската состојба, слободата, демократијата и авторитарните режими. Тргнувајќи од прашањето дали може да се биде слободен во ситуација на неповолна економска состојба, тој ќе ја стави под знак прашање (нео)либералната теза дека социјалните разлики се небитни за демократијата. Потоа ќе се обиде да го објасни ширењето на авторитарни режими во последно време. На крајот, ќе даде негово видување за тоа што треба да се стори за да се спречат овие појави во иднина.
За да се пријавите на работилницата, испратете свое CV и писмо за мотивација (околу 20 реда) на електронската адреса:iskra.geshoska@gmail.com најдоцна до 3 октомври 2017 година. За учесниците надвор од Скопје, патните трошоци ќе бидат покриени.