Повик за учество на Саемот на уметност „Ин ситу“

Меѓународниот саем на уметност „Ин ситу“ кој досега беше познат како „Паратисима Скопје“, го објави повикот за петтото издание кое ќе се одржува од 13-ти до 15 септември во Младинскиот културен центар.

Повикот за учество во поставката за визуелни уметности, оваа година курирана од Ана Франговска, ќе биде отворен до 15 јули, а за учество во изложбената поставка за дизајн, под кураторство на Драган Христов-Лудус, може да се аплицира до 20 јули.

Саемската програма посветена на архитектурата ќе ја курираат Слободан Велески и Марија Мано Велевска и ќе избере странски предавачи кои во соработка со локалниот сектор ќе имаат можност да почнат размена и соработки.

За своето петто издание оваа година саемот на уметности се ребрендира, постанувајќи единствен независен саем на уметност од овој вид во Македонија. Досега саемот претстави повеќе од 450 независни автори учесници од 39 земји.