Повик за учество на работилницата „Женскиот поглед” со Медуза

Во Музејот на современата уметност – Скопје на 11 август, од 16 до 19 часот ќе се одржи интердисциплинарната работилница на тема “Женскиот поглед”, како дел од перформативниот простор на вмрежување во рамките на програмата на изложбата Родови перцепции.

Според организаторите, „Женскиот поглед” е отворена за сите кои би сакале да пишуваат за уметноста и културата од женската позиција. Работилницата е од интердисциплинарен карактер, и вклучува отворени дискусии на тема „Женскиот поглед (наспроти традиционално машкиот)“, што тој претставува, како се доживува, дали воопшто постои, и доколку да, како се применува во контекст на визуелните уметности, како и индивидуална работа на текст и слики (имажи), во соработка со Калиа Димитрова од Медуза.

„Погледот отсекогаш бил, и е политички. Има моќ во гледањето. Што е женски поглед? Отворено и интимно, ги гледа луѓето како луѓе. Почитувана, речиси методолошка, ја кажува вистината. Женски и непомирливо“, стои во описот на работилницата.

Бројот на учеснички и учесници е ограничен, затоа ве молиме испратете кратко мотивациско писмо и контакт информации на kumjana.novakova@msu.mk.

Медуза е феминистичка платформа создадена за девојки, жени, родови и сексуални малцинства – односно за сите кои се со желба да слушаат, учат и живеат феминистички, кои сакаат да градат меѓусебни мрежи на поврзување, да читаат едни за други и пишуваат.

Медуза е место на солидарност, еманципираност, отвореност, експерименталност и прифаќање.

„Женскиот поглед” е дел од програмата на изложбата „Родови перцепции” која се реализира во соработка со Британскиот совет, а претставени се 39 дела од 25 светски реномирани авторки од Британија и Северна Македонија, како што се Трејси Емин, Сара Лукас, Лубаина Химид, Анета Светиева, Моника Мотеска. Посетителите на МСУ ќе можат да ја посетат изложбата се до 12 август.