Повик за учество на работилница за снимање документарен филм

Фестивалот за креативни документарни филмови „МакеДокс“ во соработка со Drimon Festival е во потрага по млади на возраст од 13 до 19 години кои сакаат да бидат дел од годинешната работилница за креативен документарен филм.

Како да се пријавиш?

Сними се себеси во вид на видео-порака, со телефон, веб-камера или на кој било друг начин и преку видеото, кое не треба да трае повеќе од пет минути, одговори на некое од следниве прашања:

1. Освен преку соништата, накој друг начин бегаш од секојдневието?
2. Кога би можел да бидеш кое било животно или растение, што би избрал/а да бидеш и зошто?
3. Кое е твоето прво сеќавање?
4. Кога би сретнал/а магаре што знае да зборува, што прво би ти кажало и зошто?
5. Кој документарен филм ти оставил најголем впечаток и зошто?
6. Која е приказната што сакаш да ја раскажеш и зошто е различна од останатите?
7. Што би издвоил/а за себе како важно, специфично, откачено?

Видеото испрати ни го на dokunikulci@makedox.mk преку WeTransfer, или може да се прикачи на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, а може да се испратилинкот и лозинката.

Повикот е отворен до 30 јуни 2018 година, a резултатите ќе бидат објавени до 5 јули 2018 година.

Работилницата ќе биде распоредена во четири сесии и ќе се случува за време на:

– Патувачкото кино на „МакеДокс“ и„ДримОН“ (21-28 јули т.е. 7 дена) кое годинава ќе поминува низ струшкиот регион.
– Филмскиот фестивал „МакеДокс“ (16-23 август т.е. 6 дена)
– Две есенско-зимски сесии по договор (5-7 дена)

На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на „МакеДокс“, ланските докуникулци и соработници од други земји – докажани докупрофесионалци.

Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но во однос на сместувањето – особено за време на патувачкото кино може да значи и под отворено небо заедно со тимот на „МакеДокс“.

„Бараме млади луѓе, храбри да се изразат креативно и слободно и спремни да се впуштат во незаборавна авантура. Дванаесетмината величествени ќе бидат поделени во 3-4 помали групи со по еден ментор, а на крајот на работилницата, секоја група ќе треба да има готов креативен документарен филм“, информираат од „Македокс“

Оттаму напоменуваат дека во случај пријавениот да е малолетен/на, заедно со пријавите, треба да достави и согласност од одговорен возрасен со која се одобрува учество на работилницата.