Повик за учество на работилница за ритам на „МакеДокс“

Работилницата за ритам е замислена како петдневна повеќеслојна шема на повторливи практични активности, предавања и продлабочена дискусија со Братко Бибич, Едуардо Раон, Миха Задникар и Тони Китановски за различните сложени интеракции меѓу документарниот филм и музиката и за улогата на звукот во документарниот филм воопшто.

Таа ќе се одржи од 21-25 јуни Џебно кино на МКЦ. Работилницата е отворена за сите љубопитни музичари, композитори, режисери, монтажери, тон-мајстори, диџеи, вљубеници во визуелнатата и перформативната уметност и во документарната форма. Покрај скокотливиот теориски дел, учесниците ќе можат одблизу да видат како тече целосниот работен процес на група одбрани музичари кои под уметничкото водство на Едуардо Раон и Тони Китановски ќе (на)прават нова музичка подлога за познатиот филм на Зига Вертов „Ентузијазам. Симфонијата на Донбас“ од 1931 година.

Организирана во соработка со Кинотеката на Македонија и Кинотеката на Словенија, работилницата ќе заврши на 25 јуни во Куршумли-ан со премиерно прикажување на филмот и изведба на компонираната филмска музика во живо. Словенечката премиера ќе се одржи во првата половина на октомври 2015 година во Кинотеката на Словенија во Љубљана по повод 20-та годишнина од постоењето на нејзината програма „Кино-уво“ (Кино-ухо).

Сите заинтересирани и понесени од ритамот треба да испратат мејл со општи податоци (име и презиме, година на раѓање, поле на интерес и мотивација за учество) на bratko.bibic@guest.arnes.si најдоцна до 19 јуни.

Учеството во работилницата е бесплатно.