Повик за учество на онлајн изданието на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија 2020“

Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ објави повик за ученици од сите средни и основни училишта во земјава да се пријават за учество на осмото издание кое ќе се одржува онлајн од 25 до 30 септември.

Темата на „Џифони Македонија 2020“ е „Земја“ (Earth) како дел од тригодишниот циклус посветен на животната средина (2018 – Вода, 2019 – Воздух) и се совпаѓа со 50-годишнината од основањето на матичниот фестивал – „Џифони Експириенс“ во Италија.

Повикот за учество е објавен на веб-страницата на „Џифони Македонија“ и на социјалните мрежи. Пријавувањето ќе биде отворено до пополнување на слободните места.

За време на фестивалот, дел од проекциите ќе бидат организирани во соодветно адаптирани киносали на отворено, со ограничен број на седишта и во согласност со протоколите за безбедност.

Најголемиот дел од активностите предвидени за младите учесници ќе бидат емитувани онлајн, со директно вклучување во дискусиите, работилниците и другите онлајн-настани.

По завршувањето на фестивалот, платформата ќе им биде наменета на младите, за објавување нивни творби од аудиовизуелните уметности, како и за други содржини наменети на младите љубители на филмот, соопштија организаторите.

Оваа година меѓународното жири ќе биде составено од над 300 ученици од основните и средните училишта во земјава и од десетина други  држави, кои фестивалот ќе го следат онлајн, со директни вклучувања во дискусии, работилници, мастеркласови и други интересни содржини.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје и партнерот од Италија – „Џифони Експиериенс“. Дигиталната младинска платформа, пак, на која ќе се одржува онлајн-изданието на фестивалот е развиена со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.