Повик за учество на обука за видео aктивизам на тема „Што е избор?“

„Како влегов во светов? Зошто не бев прашан за тоа и зошто не бев информиран за правилата и прописите туку бев фрлен во редовите како да сум купен од трговец со човечки суштества? Како се вмешав во ова големо претпријатие наречено актуалност? Зошто треба да бидам вмешан? Нели е тоа право на избор? И ако сум присилен да учествувам, каде е менаџерот – имам да кажам нешто во врска со ова. Нема ли менаџер? На кого треба да му ја доставам забелешката?“ – Сорен Кјеркегор

Видео активизамМладинскиот образовен форум во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество објавува повик за учесници на обука за видео активизам. Целта на обуката е млади активисти да научат како да ја пренесат својата порака, приказна или кауза преку филмот како медиум.  Учесниците ќе добијат знаење како да креираат кратко видео со телефон или едноставна камера на тема „Што е избор?“. На крајот на обуката ќе бидат направени неколку видео записи кои ќе помогнат во промовирање на социјални теми.

Обуката ќе трае четири дена и ќе се одржи во Скопје од 5-ти до 8-ми декември, 2015 година. Кандидатите што сакаат да учествуваат во неа треба да ги исполнат следниве критериуми:

– Да бидат вклучени во активности за промена на општеството;

– Да имаат своја идеја за која се заинтересирани да ја реализираат на зададената тема;

– Да имаат интерес да научат како се создава видео;

–  Да може да учествуваат на сите денови на обуката.

Бројот на учесници е ограничен, a учеството е бесплатно. Обуката ќе се одвива на македонски јазик од искусен тренер во оваа област – Стефан Палитов.  Палитов е дипломец на Филозофскиот Факултет при универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, кој завршува и академска програма по режија на ФАМУ во Прага. Моментално се занимава со изработка на различни аудиовизуелни проекти, водење работилници и организација на филмски фестивали.

Сите заинтересирани треба да аплицираат најдоцна до 27-ми ноември 2015 со испраќање целосно пополнет формулар на obuki@mof.org.mk. Апликациите за учесниците можат да бидат преземени од www.mof.mk или на следниот ЛИНК. За повеќе информации посетете ја страницата на МОФ или контактирајте ја организацијата на : 02/3139 692 локал 103. Потврда за учество ќе им биде испратена на одбраните учесници веднаш по истекот на рокот за пријавување.

Проектот на УСАИД за граѓанско општество го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со четири граѓански организации: Младински образовен форум, Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција.