Повик за учество на новинарска работилница на Д Фестивал 2016

Радио МОФ во соработка со Д Фестивал и годинава организира „Radio MOF Media Desk“- новинарска работилница која ќе се одржи во Дојран од 15 до 17 јули.

Работилницата ќе функционира за време на трите фестивалски денови, од 12:00 до 18:00 часот и ќе преставува редакција од млади новинари кои под уредништвото и менторството на новинари од Радио МОФ ќе пишуваат за музичките настапи на Роџер Санчез, Хладно пиво, Голди, Тој Долс, Даб Пистолс, Чиста околина, Бернејс Пропаганда, Дубиоза Колектив, Обојени програм, Лолобриџида, Фолтин, Сетстат и Мирко Попов, Конкеринг Лајон, Хипнотајзд и уште многу други изведувачи и гости учесници кои ќе го одбележат шестото издание на фестивалот.

Целта на работилницата е учесниците низ практичната теренска работа да ги подобрат своите новинарски вештини.

Повикот за учество на работилниците е отворен за сите млади кои сакаат да го збогатат своето новинарско искуство и знаења, но и да се инспирираат и учат од поискусните новинари. Работилницата е наменета за оние што сакаат да пишуваат и имаат интерес да научат повеќе за новинарското покривање на фестивалски манифестации.

Избраните учесници ќе добијат своја прес акредитација која им овозможува пристап зад сцената за да може да ги интервјуираат изведувачите, а воедно добиваат и влез за трите фестивалски денови и бесплатен камп.

Работниот јазик за работилницата е македонски. Сите заинтересирани за аплицирање, треба да се пријават со пополнување на апликацијата, најдоцна до понеделник (11 јули) напладне.

Текстовите кои ќе бидат изработени во текот на работилницата ќе бидат објавени на блогот на „Д фестивал“ и сајтот на Радио МОФ.