Повик за учество на младинскиот предизвик Generation Unlimited

УНИЦЕФ и Фондацијата „Телеком за Македонија“ ги повикуваат сите млади од 14 до 24 години да се приклучат на отворениот повик за креирање дигитални решенија за инклузија на деца и млади со попреченост.

Националниот повик е дел од младинскиот предизвик Generation Unlimited 2019/20 што се одвива во над 40 земји низ светот и ќе биде отворен за аплицирање до 22 ноември 2019.

Петте најдобри тима ќе бидат наградени со финансиски средства и менторска поддршка во времетраење од 3 месеци, а двете најдобри решенија од финалето ќе влезат во светскиот избор. Овие проекти ќе имаат можност да добијат дополнителни средства во износ од 10.000 до 20.000 долари, заедно со глобална програма за инкубација од партнерите на Generation Unlimited, за нивно проширување.

Целта на младинскиот предизвик е креирање решенија кои ќе им помогнат на децата и младите со попреченост активно да се вклучат во образованието и во секојдневниот живот. Поконкретно, младите иноватори треба да одговорат на предизвикот: Како може дигиталната технологија да придонесе за поактивно вклучување на децата и младите со попреченост во образованието и во секојдневниот живот?

Првиот Младински предизвик се одржа минатата година и се одвиваше во 16 земји низ светот. Победникот на нашиот национален предизвик беше награден како еден од петте глобални победници на предизвикот (заедно со тимови од Пакистан, Тајланд, Зимбабве и Судан).

Generation Unlimited – Младинскиот предизвик на УНИЦЕФ и на Фондацијата „Телеком за Македонија“ се реализира во соработка со СмартАп и Сојузот на извидници на Македонија.