Повик за учество на „Кој се плаши од молкот лош 2“

Студентската организација „Излез“ во втората половина на мај ќе го организира вториот дел од  настанот„Кој се плаши од молкот лош?“, како финале на проектот „Креативна младинска акција“.

Настанот е отворен за сите иницијативи, организации, групи и поединци што сакаат на креативен начин да изразат став за општествените прашања што ги засегаат. Сите заинтересирани може да се пријават најдоцна до 25 април на адресата kma@izlez.mk со испраќање краток опис на активноста со која сакаат да се претстават.

Можните активности вклучуваат: работилници, перформанс, изложби, дискусии, книжевни читања, инсталации, проекција на кратки филмови, музички изведби и секаков друг вид борба против молкот, па дури и креативен молк.

На настанот ќе учествуваат и учесниците од петте работилници на „Креативна младинска акција“ (креативно пишување, илустрација, фотографија, филм и перформанс/театар) кои ќе ги претстават своите производи изработени во текот на претходните шест месеци.

„Проектот „Креативна младинска акција“ има цел да одговори на идентификуваната потреба кај младите за креативно изразување, да направи чекор кон развивање култура на реакција и на граѓанска проактивност, која недостига во нашето општество, особено меѓу студентите и меѓу младите, кои често се критикувани поради нивната пасивност и недоволна бунтовност. Креативната акција ќе испрати порака дека општествените промени се одговорност на самите граѓани, кои треба постојано да наоѓаат организирани и креативни начини за изразување на својата волја“, истакнуваат од „Излез“.

Настанот е поддржан од проектот на УСАИД за граѓанско општество, спроведуван од Фондација Отворено општество – Македонија.