Повик за учесници во третата генерација на Новинарскиот клуб на Радио МОФ со Огнен Јанески

Радио МОФ го отвора Повикот за членови на третата генерација на Новинарскиот клуб!
Ако си средношколец кој се мисли дали да се запише на Новинарски, студент кој има што да каже или новинар – аматер ова е Клубот за тебе.

Учествувај на забрзаниот курс по новинарство одржан од наградувани новинари на Радио МОФ

Пред почетокот на средбите на клубот, ќе имаш можност да посетиш тридневен онлајн тренинг каде ќе се здобиеш со практични знаења за пишување на вести, идентификување на јавниот интерес и креирање на продукт според новинарските стандарди.

Дружи се и учи од Огнен Јанески на виртуелните средби 

Ментор на Клубот е Огнен Јанески, новинар со 20-годишно работно искуство и актуелен уредник во ТВ24.

Средбите на клубот ќе се одвиваат 2-4 пати во месецот во договор со менторот, на онлајн платформата за видео комуникација ZOOM, во периодот ноември 2021 – мај 2022. Членството во новинарскиот клуб е бесплатно.

Ќе те читаат и слушаат на Радио МОФ

Твоите интервјуа, текстови, подкасти и видеа ќе бидат објавувани на платформата на Радио МОФ како и промовирани на социјалните мрежи. Ќе имаш можност да го пренесеш она што го знаеш, да ги интервјуираш своите идоли или пријатели кои сметаш дека треба да ги знаат сите, да отвориш дискусии на теми важни за младите, а заборавени од медиумите.

Ако сево ова ти звучи интересно, сакаш да ги научиш техниките на пишување новинарски текстови, подкасти, видеа, имаш што да споделиш и сакаш да се дружиш со млади од целата држава и Огнен, пријави се со пополнување на овој Формулар.

Повикот е отворен до 7 ноември (недела), 23:59 часот.