Повик за учесници во Школата за активно граѓанство

Школата за активно граѓанство се организира за млади, претставници на граѓански организации и неформални групи, со цел да им обезбеди неопходно знаење и вештини за реализирање граѓански иницијативи.

Во рамки на Школата за активно граѓанство, Форум-Цeнтар за стратегиски истражувања и документација (Форум–ЦСИД) објавува повик за седмата група учесници кои ќе посетуваат два модули обуки во текот на 2015 година и една алумни средба со учесниците од претходните групи учесници во Школата. Првиот модул ќе се одржи во март, вториот во мај, а третиот во јуни 2015 година.

Првиот модул е воведен и тој ќе има за цел да ги запознае учесниците со основните поими и алатки потребни за активно граѓанско учество. Темите што ќе бидат обработувани ќе опфатат:

Вовед во Поимникот за граѓанско општество;
Структура на општеството и местото на граѓанскиот сектор;
Граѓанска иницијатива;
Граѓанинот, неговото/нејзиното место и можноста за активно учество во јавната сфера (држава, политика, граѓанско општество, медиуми).
Вториот модул ќе биде насочен кон усвојување и развивање практични алатки поврзани со:
Односи со јавноста и со властите како дел од граѓанскиот активизам;
Комуникација со медиумите;
Говорнички вештини.

Третиот модул е еднодневна средба каде учесниците ќе имаат прилика да ги споделат стекнатите искуства со учесниците од претходните групи на Школата за активно граѓанство. Критериумите што треба да ги исполнуваат кандидатите се: старосна граница: 18-35 години; активно членство во граѓанска организација или неформална група.

При селекцијата на кандидатите предвид ќе биде земен етничкиот и родовиот баланс на групата, како и вклученоста на лицата со посебни потреби. Заинтересираните кандидати треба да испратат своја биографија (CV) заедно со писмо за мотивација до координаторката на проектот во Форум-ЦСИД, Соња Исмаил, на е-маил: sonja@forum-csrd.org.mk.

* Со оние кандидати кои што ќе влезат во потесната селекција ќе биде направено интервју. Рокот за пријавување е 16 февруари, 2015 година.

Проектот на УСАИД за граѓанско општество го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со четири граѓански организации: Младински образовен форум, Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција.