Повик за учесници во Школата за активно граѓанство

Школата за активно граѓанство се организира за млади, претставници на граѓански организации и неформални групи, со цел да им обезбеди неопходно знаење и вештини за реализирање граѓански иницијативи.

Во рамки на Школата за активно граѓанство, Форум-Цeнтар за стратешки истражувања и документација (Форум ЦСИД) објавува повик за десетта група на учесници кои ќе посетуваат два модули обуки во текот на 2016 година. Првиот модул ќе се одржи во октомври, а вториот во ноември 2016 година.

Првиот модул е воведен и тој ќе има за цел да ги запознае учесниците со основните поими и алатки потребни за активно граѓанско учество. Темите што ќе бидат обработувани ќе опфатат:

  • Вовед во Поимникот за граѓанско општество;
  • Структура на општеството и местото на граѓанскиот сектор;
  • Граѓанска иницијатива;
  • Граѓанинот/граѓанката, неговото/нејзиното место и можноста за активно учество во јавната сфера (држава, политика, граѓанско општество, медиуми).

Вториот модул ќе биде насочен кон усвојување и развивање практични алатки поврзани со:

  • Односи со јавноста и со властите како дел од граѓанскиот активизам;
  • Комуникација со медиумите;
  • Говорнички вештини.

Критериумите што треба да ги исполнуваат кандидатите се:

  • старосна граница: 18-35  години;
  • активно членство во граѓанска организација или неформална група.

При селекцијата на кандидатите предвид ќе биде земен етничкиот и родовиот баланс на групата, како и вклученоста на лицата со попреченост.

Заинтересираните кандидати треба да испратат своја биографија (CV) заедно со писмо за мотивација на е-маил: mihajlovska@forum-csrd.org.mk.

* Со оние кандидати кои што ќе влезат во потесната селекција ќе биде направено интервју.

Рокот за пријавување е 15 септември, 2016 година.