Повик за учесници на Школа за род, сексуалности, култура и политика

Коалицијата Маргини во партнерство со ЛГБТИ центарот за поддршка објавува повик за учество на Школа за род, сексуалности, култура и политика.

„Школата има за цел да го зголеми знаењето на учесниците на школата за различните истории, стратегии и контексти на борбите за родова и сексуална еднаквост, како и за главните концепти, методологии и критички алатки развиени во рамки на родовите студии, феминизмот и квир студиите и квир културните практики. целта на школата е да им понуди алатки на лгбти луѓето, како и младите истражувачи со кои ќе можат критички да ги анализираат современите социо-културни и политички стратегии на репрезентација, продукција на знаење и односи на моќ, да ги препознаат изворите на нееднаквост, развиваат нови и иновативни стратегии на отпор, да го промислуваат својот идентитет и да ги предизвикаат хегемониските културни политики на хетеронормативноста“, се вели во повикот.

Организаторите велат дека во рамки на Школата учесниците ќе имаат можност да следат предавањата на некои од најреномираните теоретичарки, истражувачи и зналци во областа на феминизмот, квир теоријата и родовите студии во светот и Северна Македонија: Ен Цветковиќ (САД), Сусана Пасонен (Финска), Јелисавета Благојевиќ (Србија), Сузана Милевска (РСМ), Ана Мартиноска (РСМ), Славчо Димитров (РСМ) и Наташа Бошкова (РСМ).

„Предавањата ќе ги покријат темите поврзани со родот, сексуалноста, телесноста, задоволствата и моќта во пресек со многустраните аспекти и проблеми во областа на визуелната култура и уметност, народната култура, политиката и политичката филозофија, порно-студиите, студиите на новите медиуми, теориите на афекти, (суб)културните студии, меѓународното право и правните студии итн“, стои во повикот.

Школата ќе се одржува онлајн во периодот на ноември и декември 2020. Присуството на предавањата ќе биде задолжително за сите избрани учесници. Предавањата на Ен Цветкович, Сусана Пасонен и Ана Мартиноска ќе бидат јавни, а остантите затворени и достапни само на селектираните учесници.

„За потребите на Школата, активно следење на предавањата и учество во дискусиите и работилниците, учесниците ќе бидат обезбедени со сите потребни материјали и читанки со клучни текстови“, велат организаторите.

Заинтересираните лица треба да достават кратко мотивационо писмо за учество на Школата (максимум 1 страна) на е-пошта: koalicijaszpmz@gmail.com, најдоцна до 25 октомври.

Повеќе информации за Школата и аплицирањето – ТУКА.