Повик за учеснички на првата Школа за феминистичко пишување и критика: Фем 101

Феминистичката платформа Медуза објави повик за учество на Школа за феминистичко пишување и критика.

Школата има за цел да ги подготви учесничките и учесниците за информирано пишување и успешно користење на социјалните медиуми и други дигитални алатки за пласирање содржини во областа на феминизмот и женските права.

Школата е составена од 10 обуки, распределени низ 5 месеци, односно по 2 обуки месечно, почнувајќи од 16 ноември 2019 година. Обуките ќе се одвиваат во сабота и ќе траат 4 часа, а помеѓу групата ќе биде во комуникација преку вежби и практични задачи.

„Сексизмот, мизогиниот говор и родово базираниот говор на омраза поврзани со стереотипни очекувања, ставови и однесувања, се широко присутни на интернет просторот. Дополнително, постои очигледен недостаток на феминистички дискурс онлајн и простор за жени и девојки да се изразат и влијаат на истиот. Дигиталните алатки можат да ги зајакнат девојките и жените во борбата против стереотипите, себе изразувањето, прифаќањето и здружувањето и преку дигитално раскажување, споделување на искуства и аргументирано пишување да поттикнат општествена промена“, стои во повикот на Медуза.

Програмата е поделена на две целини: теоретски – со фокус на основните феминистички теории, историјата на женското движење и клучни концепти кај родовите науки и практичен дел – со фокус на техники и методи за пишување и развој на дигитални вештини за пласирање содржини на социјалните медиуми.

Обуките ќе ги водат теоретичарки, професорки, феминистки со стручно познавање на темите и обемно искуство во полињата во фокус на школата. За времетрањето на школата, учесничките /ците ќе имаат можност за практична работа, соработка со авторките на Медуза, како и вклучување во тимот на Медуза преку креација и објавување на содржини и по завршување на школата. Програмата е наменета за девојки и жени, како и за сексуални и родови малцинства.

За да учествувате треба:

♥да имате од 16 до 30 години
♥ да ве интересира феминизам и родова еднаквост
♥да имате мотивација да пишувате текстови во областа на феминизмот, иако претходно искуство не е неопходно
♥да бидете во можност да ги посетувате сите обуки

Рокот за пријавување трае до 1 ноември 2019 година (*рокот е продолжен до 3 ноември). Кратката биографија и писмо со мотивација за учество на школата треба да се испратат на info@meduza.mk со назнака „Апликација за Фем 101“. Дополнителни прашања може да се упатат и на Фејсбук страната на Медуза. 

Школата за феминистичко пишување и критика: Фем 101 е дел од проектот за Елиминација на родовата нееднаквост преку институционални и дигитални интервенции, поддржан од фондацијата Kvinna till Kvinna, а реалициран од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права и феминистичката платформа Медуза.