Повик за ученици – поддршка до 2.000 евра за реализирање на иновативни идеи

Министерството за образование и наука, Фондот за иновации и технолошки развој, УНИЦЕФ и CEED HUB Скопје нудат можност преку учество во UPSHIFT програмата младите на возраст од 13 до 19 години да развијат иновативно решение и да добијат финансиска поддршка од 2.000 евра реализирање на идејата.

„Имаш идеја за производ или услуга која сакаш да ја развиеш? Сакаш да промениш нешто во твојата заедница? А да учествуваш во програма која се спроведува на светско ниво? Ако сите одговори се „ДА“ тогаш собери свој тим и бидете дел од првата генерација на млади UPSHIFT иноватори и социјални претприемачи!“, стои во повикот објавен на интернет страницата на Министерството за образование и наука.

Како што соопштуваат организаторите, учесниците во програмата ќе стекнат нови вештини и знаења, ќе придонесат за решавање на проблемот во нивната заедница и пошироко, ќе научат да дизајнираат, развиваат и спроведуваат идеи, ќе стекнат нови пријателства и ќе добијат можност за финансиска поддршка од 2.000 евра за стартување на идејата.

Заинтересираните треба да направат тим од најмногу 5 учесници на возраст од 13-19 години и да ја пополнат апликацијата на овој линк, до 10 септември 2018.

За подетални информации за правилата за учество во програмата и начинот на пријавување може да контактирате со mtrajkova@ceedhub.mk или преку Facebook страната на CEED HUB Скопје.