Повик за студенти за учество во хакатон за намалување на сивата економија во е-трговијата

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија организира хакатон за намалување на сивата економија насловен „Хакирај ја сивата економија во е-трговија” кој ќе се одржи виртуелно од 14 до 16 мај.

Хакатонот ќе биде организиран во соработка со Економскиот Факултет – Скопје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, а со поддршка од Mastercard како главен партнер.

„Предизвикот е поделен на две категории: „Едуцирај и мотивирај“ и “Детектирај и сузбиј“. Студентите кои ќе бидат дел од хакатонот ќе имаат задача во текот на 48 часа да развијат иновативни решенија за намалување на сивата економија – одговарајќи на една од двете категории, со што преку категоријата „Едуцирај и мотивирај” ќе се креираат решенија кои ќе придонесат за подигнување на свеста за сивата економија и ќе мотивираат за нејзино избегнување, а преку категоријата „Детектирај и сузбиј” ќе се креираат решенија кои ќе придонесат за детектирање на сивата економија во е-трговијата и ќе делуваат корективно, преку вклучување на самите граѓани и е-купувачи“, стои во повикот.

Бројот на студентите кои може да учествуваат на хакатонот е ограничен на 50 студенти од овие факултети, кои со помош на врвни експерти од домашни компании и државни институции во улога на ментори на хакатонот, ќе развијат иновативни и практични решенија за борба против сивата економија во е-трговијата.

„За учесниците, овој хакатон претставува уникатна шанса да се информираат повеќе за сивата економија, да работат на решавање на реален општествен предизвик преку изработка на свое креативно решение, да добијат вреден фидбек од ментори од домашните компании и државни институции, да го поттикнат претприемачкото размислување и да бидат наградени. Победничките решенија, кои ќе бидат одбрани од комисијата за евалуација ќе бидат наградени со цел, во соработка и координација на АЕТМ, да ги имплементираат нивните решенија“, Асоцијацијата за е-трговија.

Пријавувањето за учество на хакатонот започнува денес, а сите заинтересирани студенти од Економски факултет – Скопје и ФИНКИ може да се пријавуваат преку веб страницата: https://hackathon.ecommerce.mk/, индивидуално или во тим, до 10-ти мај.